Премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ Венко Филипче ја префрлаат еден на друг политичката одговорност за евентуални предвремени парламентарни избори, додека истовремено нема договор меѓу власта и најголемата опозициска партија за измените на Изборниот законик.
Мицкоски рече дека Владата добила доверба од граѓаните за четиригодишен мандат и дека нејзин приоритет останува реализацијата на проектите и изборните ветувања.
Сепак, тој ја остави отворена можноста за предвремено гласање доколку иницијативата дојде од опозицијата.
„Здружената опозиција – Левица, Демократската унија за интеграција и СДСМ во Парламентот може да се соберат, да поднесат иницијатива за предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски, додавајќи дека Владата потоа ќе даде „соодветен одговор“.
Филипче: Нема да му бидеме алиби
Филипче го отфрли тврдењето на премиерот дека СДСМ, ДУИ и Левица дејствуваат како обединета опозиција.
Тој рече дека СДСМ не се координира со другите две партии за заедничко политичко дејствување и одби неговата партија да иницира предвремени избори само за да му овозможи на Мицкоски да излезе на гласање во момент што му одговара.
„Зошто ние да му бидеме алиби на Христијан Мицкоски? Зошто треба некој да му даде алиби за избори?“, рече Филипче.
Според него, владејачкото мнозинство има доволно пратеници за самото да го отвори патот кон предвремени избори доколку тоа го сака.
Филипче остана на ставот дека избори ќе има „кога ќе снема пари“, но не наведе конкретен датум кога очекува тоа да се случи.
Нема договор ниту за изборните правила
Паралелно со спорот околу предвремените избори, власта и СДСМ немаат договор ниту за измените на Изборниот законик.
Министерот за правда Јетон Шасивари го повика СДСМ да испрати претставник во работната група што треба да разговара за измените.
Според Шасивари, отсуството на СДСМ како релевантна политичка партија претставува пречка за постигнување поширок консензус за изборните правила, кои се дел и од реформската агенда.
Филипче, пак, сигнализираше дека нема намера лично да седне на маса со министерот и рече дека партиските позиции може да му ги достави писмено.
СДСМ вели дека ќе ги поддржи препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но се противи на промени во начинот на гласање на дијаспората и на промени во начинот на заокружување на гласачкото ливче.
„Ако треба и формално ќе го информираме министерот за правда, ќе му ги кажеме на писмено нашите ставови“, рече Филипче.
Изборите напролет засега остануваат шпекулација
И покрај сè почестите политички пораки за можно предвремено гласање напролет, од изјавите на Мицкоски и Филипче засега не произлегува конкретен договор или иницијатива за предвремени избори.
Мицкоски вели дека Владата има четиригодишен мандат, но ја повикува опозицијата да го предизвика.
Филипче одбива СДСМ да ја преземе таа улога и ја префрла одлуката назад кај власта.
Во меѓувреме, нема консензус ниту за изборните правила според кои би се одржало следното гласање.

