Адвокатката Емилија Алексовска од Куманово е прворангирана кандидатка за член на Судскиот совет со 62,57 бодови, но големите разлики во оценувањето од членовите на Комисијата за селекција отворија прашања за критериумите и можната политичка димензија на процесот.
Алексовска добила максимални 100 бодови од претседателот на Комисијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Велјановски, додека претставничката од граѓанскиот сектор Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ ѝ доделила само 10 бодови.
Велјановски рече дека високата оценка ја дал поради јасните одговори на интервјуто и долгогодишното правно искуство на кандидатката.
„Имав можност да го слушнам нејзиното излагање и мислам дека имаше јасни одговори. Таа е искусен правник и сметам дека ги задоволува критериумите“, рече тој.
Петковска, пак, рече дека десетте бодови се однесуваат само на искуството на Алексовска, додека за визијата и одговорите на прашањата дала нула.
„Остави многу сомнежи дека има политичко влијание“, рече Петковска.
Голем распон во оценките
Покрај 100-те бодови од Велјановски, Алексовска добила 95 од судијката Сања Лазова Стојанова и 90 од пратеничката на ВЛЕН Ваљбона Адили Емини.
Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска ја оценила со 50 бодови, а пратеничката на ДУИ Рина Ајдари со 43.
Лукаревска рече дека не била задоволна од одговорите на интервјуто и се повика и на активностите на Алексовска на социјалните мрежи.
Спор околу објава за Мицкоски
На интервјуто, пратеничката Јованка Тренчевска цитирала објава од профил на Алексовска на Икс, во која на премиерот Христијан Мицкоски му се упатува пораката: „Македонија со вас е повторно жива, повторно наша и повторно горда“.
Алексовска одговорила дека има профил на Икс кој не го користи со години и дека не се сеќава на таква објава.
„Одговорно тврдам дека имам профил на Икс што со години не е активен. Не се сеќавам дека некогаш сум го ставила коментарот што го посочивте“, рече таа.
На прашањето како ќе гарантира независност доколку биде избрана во Судскиот совет, Алексовска рече дека ќе се раководи од Уставот, законите и објективни и мерливи критериуми.
Двајца кандидати останаа во трката
На огласот биле пријавени тројца кандидати.
Алексовска е прворангирана со 62,57 бодови, додека адвокатот од Струмица Џоко Диков освоил 57,14 бодови.
Третиот кандидат, Фадил Џелили, не присуствувал на закажаното интервју, со што се смета дека ја повлекол пријавата.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата со седум гласа „за“ и без гласови против или воздржани ги утврди Алексовска и Диков како предлог-кандидати.
Конечната одлука треба да ја донесе Собранието на пленарна седница.

