Десет ректори, претставници од 20 држави и повеќе од 100 учесници учествуваат на десеттото издание на меѓународниот научен конгрес ICON BEST 2026, што се одржува на Универзитет Скопје под мотото „Дигитални хоризонти: Паметна економија и интелигентен туризам“.
На конгресот се разговара за влијанието на вештачката интелигенција, дигитализацијата и технолошките иновации врз економијата, туризмот и образованието, како и за потребата од посилна соработка меѓу академската заедница и бизнис-секторот.
Конгресот го отвори ректорот на Универзитет Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, кој ја нагласи важноста на научната размена, современото образование и меѓународното академско поврзување.
Јосиповиќ: Европа мора да биде обединета за да биде конкурентна
Меѓу учесниците е и поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ, кој во своето обраќање зборуваше за конкурентноста на Европа и за поврзувањето на науката со економијата.
„Европа мора да биде силна и сигурна, само обединета може да биде конкурентна во светот“, рече Јосиповиќ.
Тој додаде дека за македонската економија да ги почувствува придобивките од европската интеграција е неопходна посилна соработка меѓу академската заедница и бизнис-секторот.
Технологијата ги менува услугите и туризмот
Меѓународниот експерт за туризам Јоланда Пердомо истакна дека технологијата станува сè поважен дел од услугите во најбрзо растечките индустрии.
Според неа, компаниите и институциите мора постојано да ги следат технолошките промени и да се приспособуваат кон новите потреби на пазарот.
„Без иновации, образованието не може да го следи општеството“
За трансформацијата на образованието зборуваше проф. д-р Антонио Карлес, кој оцени дека наставните процеси мора постојано да се приспособуваат на технолошките и економските промени.
„Без иновации, образованието не може да фати чекор со општеството што се менува“, рече Карлес.
Тој ја нагласи потребата универзитетите да развиваат нови пристапи во учењето и поблиску да ги поврзат знаењето и потребите на пазарот на труд.
ВИ со јасни етички и правни правила
Дел од дискусиите беа посветени и на правните и етичките аспекти на вештачката интелигенција.
Јове Кекеновски рече дека дигитализацијата и ВИ треба да се развиваат во интерес на човекот, со почитување на човековите права и владеењето на правото.
Со зголемувањето на можностите на технологијата, рече тој, расте и потребата од јасни правила и одговорност за нејзината примена.
ICON BEST 2026 ги обединува академските институции, експертите и деловната заедница околу темите на вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, современото образование и интелигентниот туризам.


