Враќањето во Бугарија на посмртните останки за кои се смета дека му припаѓаат на цар Самуил е резултат на повеќедецениски тајни преговори меѓу Софија и Атина, во кои биле вклучени историчари, дипломати, премиери и претседатели, а договорот повторно ја отвори и чувствителната историска димензија во односите со Северна Македонија.
Бугарскиот „Капитал“ објави детална реконструкција на процесот, според која останките биле донесени во Софија со воен транспортен авион, придружуван од четири борбени авиони, а биле пречекани со државни почести.
Останките претходно биле чувани во Музејот на византиската култура во Солун. Тие потекнуваат од археолошки истражувања на островот Свети Ахил во Мала Преспа, каде грчкиот археолог Николаос Муцопулос во 1969 година открил повеќе саркофази.
Муцопулос подоцна заклучил дека еден од скелетите му припаѓа на Самуил, но дел од бугарските историчари и денес предупредуваат дека нема ДНК-анализа што дефинитивно би го потврдила идентитетот.
Размена на останки за црковни артефакти
Според „Капитал“, договорот меѓу двете влади предвидува Бугарија да ѝ предаде на Грција 48 црковни предмети, додека грчката страна ги предала останките за кои се смета дека се на Самуил.
Предметите биле земени од цркви и манастири во северна Грција за време на балканските и светските војни, а дел од нив со децении биле чувани во бугарски музеи и научни институции.
Бугарски експерти проценуваат дека вкупниот број предмети од грчко потекло што останале во Бугарија може да биде околу 1.000.
Во Бугарија нема единствен став за нивниот статус. Дел од историчарите сметаат дека станува збор за предмети што треба да ѝ бидат вратени на Грција, додека други тврдат дека дел бил спасен во воени услови или има врска и со бугарската историја.
Ракописите останале во Бугарија
Едно од најспорните прашања во повеќедецениските преговори биле стотиците ракописи што денес се чуваат во Центарот „Иван Дујчев“ при Софискиот универзитет.
Според „Капитал“, центарот поседува 463 грчки ракописи и фрагменти, од кои значаен дел потекнуваат од манастири кај Серес и Драма.
Во претходните преговори Атина барала тие да бидат вратени, но во конечниот меморандум од минатата недела ракописите не биле вклучени.
Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков изјавил дека во 2022 година разговарал со грчкиот премиер Константинос Мицотакис и дека тогаш Атина се согласила ракописите да бидат отстранети од списокот на предмети што треба да се вратат.
Македонија во геополитичката димензија

Весникот наведува дека Северна Македонија го смета Самуил за дел од сопствената историска традиција, додека бугарската страна го третира како владетел на Првото бугарско царство.
Мешовитата македонско-бугарска историска комисија претходно го третираше Самуил како личност од заедничката историја на двете земји.
„Капитал“ оценува дека пренесувањето на останките во Софија може да има и политичка симболика во однос на македонско-бугарскиот историски спор.
Критики поради тајноста
Договорот предизвика реакции и во Грција и во Бугарија поради недостигот на јавни информации за содржината на меморандумот и целосниот список на предмети вклучени во размената.
Грчката опозиција го критикувала Мицотакис затоа што прифатил враќање на останките за само 48 предмети, наместо да бара враќање на целото културно наследство.
Во Бугарија, пак, група историчари побараа меморандумот да биде објавен и да стане јавно достапен целиот список на предадени предмети.
Професорот Љубомир Вагалински, кој учествувал во процесот, изјавил дека тајноста била услов поставен од владата за да не пропаднат преговорите.
Размената формално не е трајно отстапување
Според „Капитал“, договорот е структуриран како привремено давање на користење, при што двете држави формално ја задржуваат сопственоста врз предметите што ги предале.
Таквата формула, според поранешниот дипломат Марин Рајков, била избрана за договорот да биде потешко оспорлив пред суд.
Засега не е јасно дали процесот ќе продолжи со нови разменувања. Мицотакис го претставил договорот како прва фаза, додека дел од грчките претставници очекуваат разговорите за останатите религиозни и културни предмети да продолжат.


