Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ВЛЕН останува неговиот префериран и стратешки коалициски партнер и оцени дека меѓусебната соработка прераснала во однос што е „малку повеќе од коалициско партнерство“.
Во интервју за емисијата „Н’Дритe“ на телевизија Алсат, Мицкоски рече дека нема дилема околу партнерството со ВЛЕН, иако идното формирање влада, како што нагласи, ќе зависи од парламентарното мнозинство.
„Ние за коалициски партнер го имаме ВЛЕН и за тоа немаме никаква дилема. Иднината ќе ја определат бројките, но јасно е дека наш стратешки коалициски партнер е ВЛЕН“, рече Мицкоски.
На прашањето што подразбира под „бројките“, премиерот рече дека влада формира оној што ќе обезбеди 61 пратеник.
Сепак, на дополнително прашање дали прави разлика меѓу политичките партии на Албанците, Мицкоски рече дека неговата преференција е јасна.
„Апсолутно моја преференција е политичката партија ВЛЕН. Мислам дека изградивме доверба за да можам да кажам дека сме малку повеќе од коалициски партнери“, рече тој, додавајќи дека „стануваат и пријатели“.
За Ахмети: Со години немаме разговарано
Мицкоски рече дека подолго време немал разговор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
На прашањето кога последен пат се сретнале, тој рече дека можеби се виделе во Собранието, но дека директен разговор меѓу нив немало со години.
„Ако прашањето е кога сме разговарале, има години“, рече Мицкоски.
На прашањето дали имаат друг вид комуникација, премиерот одговори негативно.
Остри критики кон Бугар Османи
Мицкоски во интервјуто го критикуваше и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи поради потпишувањето на Вториот протокол со Бугарија.
Тој оцени дека со документот било овозможено историските прашања што ги разгледува заедничката историска комисија да станат дел од процесот поврзан со европската интеграција.
„Кога Бујар Османи го стави својот потпис на Вториот протокол и дозволи Комисијата за историски прашања да одлучува дали ќе бидеме дел од Европската Унија, а во таа комисија се разгледуваат прашања од средниот век што се однесуваат на мојот македонски идентитет, покажа непочитување“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Османи протоколот го потпишал како министер во Владата, а не како претставник на одредена етничка заедница.
„Мојот идентитет не го создала Југославија“
Мицкоски рече и дека не очекува значаен напредок во спорот со Бугарија доколку, според него, останат несогласувањата околу прашањата поврзани со македонскиот идентитет.
„Не можам да прифатам дека мојот идентитет е создаден во Југославија“, рече премиерот.
Тој наведе дека под идентитет подразбира име на државата, јазик, културно наследство, историја и предци.
„Горд сум Македонец и горд сум на мојот идентитет и на моите предци“, рече Мицкоски.

