25.8 C
Скопје
5 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Муцунски оди во Софија: В четврток средба со Петрова-Чамова

 Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, в четврток ќе имаат можност за билатерална средба во Софија, на маргините на меѓународната министерска конференција посветена на Коридорот 8.

Информацијата ја потврдило бугарското Министерство за надворешни работи за новинската агенција БТА.

„На 8 октомври во Софија ќе се одржи меѓународна министерска конференција за Коридорот 8, чиј домаќин ќе биде министерката за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова. Во рамките на форумот, на кој ќе присуствува и министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, ќе има можност да се одржи билатерална средба, која е дел од редовниот дијалог меѓу двете земји“, соопштиле од бугарското МНР.

Од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија засега нема официјална потврда за средбата.

Иницијативата следува по посетата на фон дер Лајен

Средбата доаѓа по минатонеделната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје.

Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека, по разговорите со фон дер Лајен, побарал Муцунски да испрати дипломатска нота до Софија и да иницира билатерална средба со Петрова-Чамова.

Од македонското МНР во петокот потврдија дека барањето било испратено.

Мицкоски денеска изјави дека Владата сè уште чекала официјален одговор од Софија и дека ќе може подетално да коментира кога тој ќе пристигне.

Софија: Разговори без ултиматуми

Бугарската претседателка Илијана Јотова претходно рече дека Бугарија е отворена за разговори со Северна Македонија, но без ултиматуми и без отстапување од европската политика.

Муцунски и Петрова-Чамова последен пат имаа билатерална средба кон крајот на мај, на маргините на министерски состанок на НАТО во Шведска.

Тогаш Муцунски ја повтори позицијата дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не треба да бидат предмет на разговори.

Петрова-Чамова, пак, го повтори ставот на Софија дека напредокот на Северна Македонија кон ЕУ е поврзан со спроведување на преземените обврски во рамки на европскиот консензус од јули 2022 година.

Коридорот 8 како рамка за политички разговор

Формалниот повод за средбата во Софија е министерската конференција за Коридорот 8, инфраструктурен проект што ги поврзува Црното со Јадранското Море преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија.

Сепак, по последните пораки од Скопје и Брисел, вниманието ќе биде насочено и кон тоа дали разговорот ќе отвори простор за нов политички дијалог меѓу двете земји околу прашањата што го блокираат натамошниот пристапен процес на Северна Македонија кон ЕУ.

 

Related posts

Пластичните кеси и пластичната амбалажа полека заминуваат во историјата

admin

СПАСОВСКИ: НАДВОРЕШНИТЕ ЗАКАНИ ЗА БОМБИ ДОАЃААТ ОД ИРАН И ОД РУСИЈА

ninja

Куќа, преговори, милионски договори: Таравари под лупа – дали ДУИ го влече назад во своите редови?

admin

Георг Георгиев: Препреговори со Северна Македонија не се можни

admin

Автомобилите на министрите на Мицкоски вредат скоро милион евра

admin

Пораст на индустриското производство и на бројот на вработени во индустријата

admin