10.8 C
Скопје
6 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Пред разговорите со Бугарија – ниски очекувања од Владата, остри обвинувања од СДСМ

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не очекува формална билатерална средба меѓу министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија во Софија и дека, според неговата проценка, разговорот би можел да се сведе на кратка неформална средба, додека СДСМ го обвини дека со својата реторика ги зголемува тензиите пред состанокот.

Министерот Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова треба да бидат во Софија во четврток, на конференција за Коридорот 8.

Од бугарското Министерство за надворешни работи претходно соопштија дека на маргините на форумот ќе има можност за билатерална средба, но македонската страна засега нема официјална потврда со прецизиран термин.

„Имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекувам потврда, не очекувам ништо. Очекувам некој дијалог ‘pull aside’, ние така го викаме, на коњопој, и тоа отприлика да биде тоа“, рече Мицкоски.

СДСМ: Средбата е поткопана уште пред да почне

СДСМ го обвини премиерот дека со изјавите за улогата на Бугарија во Втората светска војна ја влошува атмосферата пред разговорите.

Партијата се повика на последната изјава на Мицкоски во која тој зборуваше за „капитулацијата на фашистичка Бугарија“ и за окупацијата на територијата на денешна Македонија.

„Не зборува за решение. Зборува за да не може ниту да се седне на масата“, соопшти СДСМ.

Опозициската партија тврди дека Мицкоски не бара исход од разговорите, туку одржување на конфликтот со Софија.

„Средбата е веќе поткопана. Од Мицкоски“, наведува СДСМ.

Скопје бара гаранции, Софија се повикува на преземените обврски

Владата останува на ставот дека разговор со Бугарија треба да има, но дека за напредок се потребни гаранции дека Северна Македонија нема повторно да биде соочена со нови билатерални услови во процесот на пристапување кон ЕУ.

Софија, пак, останува на позицијата дека обврските се веќе утврдени во европскиот договор од 2022 година и дека следниот чекор е внесување на Бугарите во македонскиот Устав.

Иницијативата за нов разговор следува по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје, по што Мицкоски побара Муцунски да иницира средба со бугарската страна.

Историјата повторно влезе во дневната политика

Новите тензии се појавија откако Мицкоски, коментирајќи го преносот на посмртните останки што ѝ се припишуваат на цар Самуил од Грција во Бугарија, го спомена Бледскиот договор и улогата на Бугарија во Втората светска војна.

СДСМ оцени дека историските прашања треба да останат во доменот на историчарите, додека институциите треба да се фокусираат на политичкиот дијалог и европската интеграција.

Средбата во Софија, доколку биде формализирана, ќе биде прв директен контакт на ова ниво по новата иницијатива за обновување на дијалогот меѓу двете земји.

 

Related posts

ЗНАМ ги испорача условите за влез во Влада – без ДУИ и со одложени уставни измени

admin

ДУИ со стар лидер и нова структура: Ахмети доби нов мандат на чело на партијата

admin

Хил: Србија се врти кон Западот, прашањето е дали да му се верува на Курти

admin

Вучиќ: Под силен притисок поради посетата на Москва, но нема да ја сменам одлуката

admin

Бајден го отвори Самитот на НАТО: Русија нема да победи, Украина ќе го спречи Путин

admin

Не симнувај апликација за Вештачка Интелигенција без да го прочиташ ова

admin