Северна Македонија сама го блокира напредокот во преговорите со Европската Унија бидејќи не ги спроведува уставните измени, изјави Герт Јан Копман, генерален директор за проширување и источно соседство во Европската комисија.
Во интервју за емисијата „Балканс дебриф“ на Атлантскиот совет, објавено на 19 ноември, Копман рече дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на пристапниот процес, утврден со одлуките на Европската Унија.
„Блокадата не е во Советот. Блокадата е во самата држава. Земјата точно знае што треба да направи за да ги отвори преговорите, а тоа, во суштина, е промена на Уставот“, изјави Копман.
На прашањето дали станува збор за бугарско вето, тој одговори дека тоа повеќе не е само билатерално прашање меѓу Скопје и Софија.
„Не станува збор само за бугарско прашање. Ова е став на ЕУ. Тоа е дел од заклучоците на Советот“, рече Копман.
„Топката е кај Скопје“
Копман призна дека Северна Македонија во минатото се соочувала со билатерални спорови што го забавувале нејзиниот европски пат. Сепак, според него, сегашниот застој е последица на неисполнувањето на преземените обврски.
„Таа не е блокирана од земја членка. Таа е блокирана бидејќи, досега, не сака да го направи она што знае дека треба да се направи“, изјави тој.
На прашањето дали одговорноста за следниот чекор е кај Скопје, Копман одговори потврдно.
Тој додаде дека Северна Македонија е суверена држава и дека никој не може да ја принуди да ги спроведе уставните измени. Меѓутоа, предупреди дека без нив пристапниот процес нема да продолжи.
Брисел го признава реформскиот напредок
И покрај критиките за уставните измени, Копман позитивно го оцени напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на реформите предвидени со Планот за раст на Европската Унија.
Според него, земјата покажала дека може да спроведува сложени реформи и да ги исполнува преземените обврски.
„Земјата е способна за реформи. Оваа година постигна многу добар напредок во Планот за раст, што всушност значи дека направи многу тешки реформи“, рече Копман.
Тој додаде дека сега е неопходно сериозно да се пристапи кон уставните измени за да се овозможи продолжување на пристапните преговори.
Што предвидува преговарачката рамка?
Во јули 2022 година, Северна Македонија ја прифати преговарачката рамка на Европската Унија, постигната по посредувањето на Франција.
Со неа се предвидува внесување на бугарската заедница во Уставот како услов за одржување на следната меѓувладина конференција и преминување во следната фаза од преговорите.
Пристапните преговори формално започнаа на 19 јули 2022 година, но земјата сè уште не го отворила првиот преговарачки кластер.
Покрај уставните измени, Северна Македонија има обврски поврзани со спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година и протоколите за неговото спроведување.
Македонската Влада бара гаранции
Владата на премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот дека уставните измени не треба да се спроведат без гаранции дека Бугарија нема повторно да го условува македонскиот пристапен процес.
Мицкоски претходно предложи уставните измени да бидат усвоени со одложено дејство, односно да стапат во сила кога Северна Македонија ќе стане членка на Европската Унија.
Софија го отфрла овој пристап и инсистира на спроведување на договорените услови од 2022 година.
Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, исто така, го критикуваше условувањето на евроинтеграциите со билатерални прашања, оценувајќи дека тоа го отежнува пристапниот процес.
Изјавите на Копман доаѓаат во период кога Европската комисија во својот пакет за проширување за 2026 година констатира застој во евроинтеграциите на Северна Македонија.
Иако Брисел го признава напредокот во одредени реформски области, уставните измени остануваат услов за преминување во следната фаза од пристапните преговори.

