Босна и Херцеговина му забрани влез на Милан Радоичиќ, осомничен за организирањето на вооружениот напад во Бањска на северот на Косово, откако го прогласила за закана за националната безбедност.
Одлуката била донесена на 13 ноември, четири дена пред Вишиот суд во Белград да му одреди притвор и да распише потерница по него.
Судската одлука следувала откако Радоичиќ на 15 ноември не се јавил во полиција, што било една од мерките за надзор во постапката поврзана со Бањска.
Надлежните институции во БиХ не објавиле детали за причините поради кои го оцениле како безбедносна закана.
Република Српска негира дека го штити
Забраната значи дека на Радоичиќ би му бил одбиен влез доколку се обиде да ја премине границата на БиХ, односно би можел да биде задржан на влезна точка.
Неговата локација останува непозната. По медиумските извештаи дека се наоѓа во Република Српска и дека ужива заштита од одделни структури на власта, тамошното Министерство за внатрешни работи ги отфрли таквите тврдења.
„Немаме информации дека наведеното лице престојувало или престојува на територијата на Република Српска“, соопшти Министерството за РСЕ, негирајќи дека негови припадници го штитат.
Министерството посочи дека контролата на државната граница е надлежност на Граничната полиција на БиХ. Додаде дека постапува по меѓународните потерници и соработува со полициите од регионот.
На Радоичиќ претходно му бил одземен пасошот и му било забрането да го напушта местото на живеење без одобрение од надлежните органи. Имал и забрана за патување во Косово.
Неговата недостапност за српските правосудни органи следува по изборниот пораз на Српската напредна странка на крајот на октомври.
Пред распишувањето на потерницата се појавиле и непотврдени информации дека заминал од Србија во Русија. Српското МВР, Безбедносно-информативната агенција и руската амбасада во Белград не ги потврдиле тие наводи, пренесува РСЕ.
Три години по нападот во Бањска
Радоичиќ ја презеде одговорноста за организирањето на вооружената група што го изврши нападот во Бањска на 24 септември 2023 година.
Во нападот беше убиен еден косовски полицаец, а во вооружените судири што следуваа загинаа и тројца српски напаѓачи.
Во Србија против Радоичиќ се води истрага за повеќе кривични дела поврзани со набавување оружје и предизвикување општа опасност. Според РСЕ, и по три години против него таму не е поднесено обвинение.
Косовските власти, пак, обвинија 45 лица за нападот, меѓу кои и Радоичиќ, кому му се суди во отсуство. По него е распишана и меѓународна потерница преку мисијата на ОН, УНМИК.
САД и Велика Британија претходно воведоа санкции против него поради сомнежи за вмешаност во организиран криминал и корупција.
Одлуката за забрана на влез била донесена два дена откако БиХ ја напуштил Звонко Веселиновиќ, долгогодишен деловен соработник на Радоичиќ.
Безбедносни извори претходно потврдиле за РСЕ дека Веселиновиќ на 11 ноември отпатувал од Сараево за Турција, користејќи српски пасош.

