7.8 C
Скопје
15 ноември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

СДСМ: Власта го отвори патот за повеќе милионски зделки без тендер

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во саботата ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека со усвоените измени на Законот за јавните набавки создава дополнителен простор за корупција и го ослабува надзорот врз трошењето на јавните средства.

Партијата соопшти дека законските измени овозможуваат набавки без тендер во вредност до 25.000 евра за стоки и до 120.000 евра за градежни работи.

Според СДСМ, зголемувањето на вредносните прагови ќе овозможи поголем обем на јавни набавки без отворена конкуренција, со зголемен ризик од фаворизирање одредени компании.

„Така повеќе народни пари ќе се трошат без отворена конкуренција, со поголем ризик договорите да завршуваат кај однапред избрани фирми“, соопшти СДСМ.

УКИНУВАЊЕ НА КОНТРОЛНИТЕ МЕХАНИЗМИ

Опозициската партија го критикуваше и укинувањето на обврската, воведена во 2019 година, за задолжителна согласност од Бирото за јавни набавки за постапките со преговарање без објавување оглас.

Според СДСМ, со оваа измена се отстранува важен механизам за контрола на директното договарање меѓу институциите и компаниите.

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, претходно во изјава за „Локално“ предупреди дека укинувањето на претходното мислење од Бирото за јавни набавки создава ризик од неправилна примена на постапките со преговарање без оглас.

Таа оцени дека објавувањето известување за доброволна претходна транспарентност, предвидено со новото законско решение, ја зголемува видливоста на одлуката, но не гарантира дека се исполнети законските услови за таквата постапка.

ПОСКАПИ ЖАЛБИ ЗА КОМПАНИИТЕ

СДСМ предупреди и дека со законските измени повеќекратно се зголемуваат надоместоците за поднесување жалби во постапките за јавни набавки.

Според партијата, повисоките трошоци за правна заштита особено ќе ги погодат малите компании и би можеле да ги обесхрабрат економските оператори да пријавуваат неправилности.

„Пораката на власта е јасна: функционерите полесно да договараат дилови во четири очи, фирмите потешко да се жалат“, се наведува во соопштението.

СДСМ потсети дека нејзиниот лидер Венко Филипче претходно предупредувал на коруптивните ризици од законските измени и дека партијата се спротивставила со поднесување повеќе од 2.000 амандмани.

ЗАКОНОТ УСВОЕН ПО ПРЕТСЕДАТЕЛСКОТО ВЕТО

Измените на Законот за јавните набавки повторно беа разгледувани во Собранието откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот за нивно прогласување.

На 10 ноември пратениците усвоија амандман со кој беше избришан спорниот член 13, кој предвидуваше можност за повторно именување на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки без јасно ограничување на бројот на мандати.

Измените беа усвоени на 13 ноември.

Критиките на СДСМ доаѓаат еден ден откако беше објавен и предлогот на новиот Кривичен законик, со кој се предвидува посебно кривично дело за злоупотреби при јавни набавки и договори за јавно-приватно партнерство, со максимална казна од 15 години затвор.

 

Related posts

Аларм во ПИОМ: Ревизорите открија долг од 136 милиони евра кон здравството

admin

Еден ден по средбата на Блинкен, Бајден го нарекува Кси Џипин диктатор

admin

Пет години по заминувањето, Германците повторно гледаат кон Меркел

admin

Нов удар врз мировниот процес: Израел сака да ги избрише договорите од Осло

admin

ДУИ бара список на сите институции што чувале пари во „Алта банка“: Кој ги донел одлуките?

admin

Трамп ја промени реториката – „Не брзајте со договорот со Иран“

admin