Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, ја обвини министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска дека ја доведува јавноста во заблуда во врска со преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската Алта банка, повикувајќи се на официјален записник од седница на Владата од септември минатата година.
„Гордана Димитриеска-Кочоска да си поднесе оставка, лаже за Алта банка!“, порача Филипче.
Тој побара Основното јавно обвинителство веднаш да отвори истрага за премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии, како и вклучување на Европското јавно обвинителство за проверка на финансиските текови поврзани со преземањето на банката.
Филипче тврди дека Владата не само што имала информации за понудата на Алта банка, туку и донела конкретни заклучоци поврзани со акциите во сопственост на јавни институции.
Владин записник: На предлог на Кочоска, заклучоци за 16 институции
Во официјалниот записник од 114. седница на Владата, одржана на 23 септември 2025 година, е наведено дека Владата, на предлог на министерката за финансии, донела три заклучоци поврзани со понудата за преземање акции од Алта банка АД Белград.
Во документот се наведува:
„Владата, на предлог на м-р Гордана Димитриеска Кочоска, министер за финансии, а во врска со можноста за прифаќање/одбивање на понудата за преземање на акции дадена од страна на преземачот ‘Алта банка’ АД Белград, ги донесе следните заклучоци.“
Со првиот заклучок, Владата им укажала на 16 институции, меѓу кои Фондот за здравствено осигурување, Електрани на Северна Македонија, Агенцијата за вработување и повеќе јавни претпријатија и установи, во рок од три дена да ја разгледаат можноста за прифаќање или одбивање на понудата.
Притоа било побарано да се земат предвид одредбите од Изборниот законик што се однесуваат на отуѓување државен капитал за време на избори.
Со вториот заклучок, Владата им укажала на институциите, доколку утврдат дека нема законски пречки за продажба на акциите, нивните одговорни лица најдоцна до 10 октомври 2025 година да дадат писмена изјава за прифаќање на понудата на Алта банка.
Со третиот заклучок, Генералниот секретаријат бил задолжен да им ја достави постапката за прифаќање или одбивање на понудата.
Овие заклучоци се потврдени во официјалниот владин записник, кој е јавно достапен.
Кочоска претходно негираше комуникација со гувернерот
Обвинувањата на Филипче следуваат по изјавата на министерката за финансии за телевизијата Телма, во која таа негираше дека Министерството за финансии било консултирано од гувернерот Трајко Славески во врска со влезот на Алта банка во Македонија.
„Ние како Министерство не сме имале апсолутно никаква комуникација, ниту знаеме дека оваа банка имала преговори, ниту знаевме кои претходно други институции, банки биле заинтересирани. Така што, најодговорно тврдам дека Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот по однос на ова прашање“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Записникот потврдува дека Владата во септември 2025 година разгледувала конкретна понуда на Алта банка на предлог на министерката.
Сепак, документот сам по себе не докажува дека Министерството за финансии било консултирано од гувернерот при постапката за одобрување на преземањето.
Според претходниот писмен одговор на Народната банка за Инбокс7, регулаторната согласност за стекнување квалификувано учество била издадена на 1 септември 2025 година, односно 22 дена пред владината седница.
Филипче бара истрага за евентуални контакти со Давор Мацура
Филипче побара обвинителството да испита дали владините функционери биле во директна комуникација со српскиот бизнисмен Давор Мацура и дали постапувањето на Владата придонело Алта банка да стекне поголем акционерски удел.
„Дали ова значи дека биле во директна комуникација со Давор Мацура и му овозможувале да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата?“, праша Филипче.
Тој побара да се провери движењето на парите поврзани со банката и да се утврди дали постојат основи за одговорност на премиерот и министерката.
Објавениот записник не содржи податоци за директни средби или комуникации со Мацура, ниту потврдува дека акциите на јавните институции биле продадени.
Не се наведени ни бројот, вредноста или процентот на акциите што ги поседувале споменатите институции.
За утврдување на фактичките последици од владините заклучоци потребни се податоци за одлуките на институциите и евентуално реализираните продажби.
Официјалниот записник потврдува дека Владата била вклучена во разгледување на понудата за преземање акции од Алта банка, во рамки на постапувањето со акциите што ги поседувале јавни институции.
Случајот отвора две одделни прашања: дали Министерството за финансии било консултирано во регулаторната постапка пред Народната банка и каква улога имала Владата во евентуалната продажба на акциите на јавните институции.
Засега нема објавени докази дека владините заклучоци довеле до незаконски трансакции или дека премиерот и министерката имале недозволена комуникација со сопственикот на српската банка.
Филипче, сепак, инсистира на кривична истрага и политичка одговорност.

