Европа не треба да се двоуми околу користењето на замрзнатите руски средства за финансирање на одбраната на Украина, изјави гувернерот на Централната банка на Литванија и член на Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ), Гедиминас Шимкус.
Во интервју за Politico, Шимкус предупреди дека евентуална победа на руската агресија би ја поткопала довербата во еврото многу повеќе од репутациската штета која би ја предизвикала конфискацијата на руските средства.
Лидерите на ЕУ оваа недела во Копенхаген ќе расправаат за нов план за финансирање на Украина, која по три и пол години војна е во голема финансиска криза.
Обидите за запленување на средствата на Руската централна банка досега наидуваа на отпор и во Москва и во самата ЕЦБ. Претседателката Кристин Лагард предупреди дека таков потег би можел да ги одврати странските држави од чување девизни резерви во евра и да ја загрози амбицијата на Унијата да ја зајакне глобалната улога на еврото.
Шимкус, кој е дел од највисокото раководство на ЕЦБ, смета дека приоритет треба да биде поддршката на Киев. „Ако Украина ја изгуби војната, ризикот конфликтот да се префрли на соседните земји-членки на ЕУ значително се зголемува. Тоа би ја разнишало довербата во еврото повеќе од било каква употреба на санкционираните средства,“ рече тој.
Според проценките на ММФ, на Украина ѝ се потребни околу 65 милијарди долари до крајот на 2027 година, а Министерството за финансии во Киев проценува дека во следните четири години ќе бидат потребни до 170 милијарди долари надворешна помош.
Европската комисија предложи 140 милијарди евра замрзнати руски средства што се чуваат во Euroclear да бидат заменети со обврзници на ЕУ, при што готовината би се користела за заеми кон Украина. Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја поддржа иницијативата, но со ограничување дека средствата треба да се користат исклучиво за воена помош.
„Важно е Европа да најде начини да ѝ обезбеди ресурси на Украина, дури и преку конфискација на руските средства,“ рече Шимкус, поздравувајќи го предлогот на Комисијата како „реален чекор напред“.

