2.8 C
Скопје
24 ноември, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Држава со празни станови и скапи квадратни метри: кому му користи попустот?

Во Северна Македонија има над 307 илјади ненаселени станови, но цените на недвижностите продолжуваат да растат. Владата најавува попуст од 20 отсто за млади брачни парови, ограничен на дел од новоградбите. Дали ова ќе го направи домувањето подостапно или само ќе им помогне на мал број купувачи, додека причините за високите цени остануваат недопрени?

Пишува: Џелал Незири

Повеќе од 307 илјади станови во Северна Македонија се ненаселени. Населението се намалува, нови станбени згради продолжуваат да се градат, а цените на недвижностите растат. Во такви околности, премиерот Христијан Мицкоски најавува попуст од 20 отсто за млади брачни парови. Но, наместо да одговори зошто домувањето станува сè понедостапно, Владата предлага мерка што ќе опфати само мал дел од новата станбена понуда.

Според предлогот, градежните компании ќе мора да издвојат најмалку 10 отсто од станбената површина во новите згради за брачни парови до 35 години. Овие станови ќе се продаваат по цена најмалку 20 отсто пониска од просечната цена во соодветната катастарска општина во претходната година. Компаниите што нема да го исполнат условот, според најавата, нема да можат да добијат градежна дозвола. Владата предвидува и ослободување од комуналии за млади брачни парови што ќе градат сопствена куќа.

На прв поглед, предлогот изгледа како поддршка за младите. Секое намалување на трошоците за купување прв дом е добредојдено за семејствата што ќе успеат да ја искористат мерката. Но, дали Владата сака да ја намали цената на домувањето или само да им понуди попуст на мал број купувачи во рамките на истиот прескап пазар?

Да претпоставиме дека просечната цена во одредена катастарска општина е 3.000 евра за квадратен метар. Со најавениот попуст, млад брачен пар би платил 2.400 евра за квадрат. Стан од 60 квадратни метри би чинел 144.000 наместо 180.000 евра. Колку млади семејства во Северна Македонија можат да си дозволат ваква инвестиција? Колкумина имаат доволно средства за учество во станбен кредит, стабилни приходи за месечните рати и финансиска сигурност за следните две или три децении?

Има уште неколку дилеми во врска со владиниот предлог: Кој ќе ја покрие разликата од 20 отсто? Дали градежните компании ќе се откажат од дел од добивката или ќе го пренесат дополнителниот трошок врз другите станови?

Според Пописот на населението, домаќинствата и становите од 2021 година, во Северна Македонија биле евидентирани 839.174 станови. Од нив, 531.987, односно 63,4 отсто, биле населени. Останатите 307.187 станови, или 36,6 отсто, биле ненаселени. Тоа значи дека повеќе од една третина од станбениот фонд не бил населен во моментот на пописот.

Пописот не дава одговор на прашањето – во чии раце се концентрирани становите? Колку граѓани поседуваат по два, три или повеќе станови, а колку немаат ниту еден на свое име? Колку од овие станови се нови и никогаш не биле населени? Колку се купени како инвестиција? Колку се наоѓаат во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и Охрид, каде што пазарот на недвижности е активен? Без овие податоци, државата не може да утврди колкав дел од растот на цените произлегува од реалните потреби за домување, а колкав од инвестициската побарувачка.

Северна Македонија се соочува со демографско намалување и иселување, особено на младите. Истовремено, во урбаните средини продолжува изградбата на нови станови, додека нивните цени достигнуваат нивоа што за многу домаќинства се тешко достижни. Според Народната банка, цените на становите во Скопје во третиот квартал од 2026 година биле за 10,3 отсто повисоки отколку во истиот период од претходната година. На прв поглед, ваквиот тренд изгледа парадоксален: во земја со помалку жители и голем број ненаселени станови, а цените продолжуваат да растат.

Масовната изградба не доведе до пониски цени од причина што значителен дел од побарувачката доаѓа од купувачи што не планираат да живеат во становите. Недвижноста, од најбогатите во општеството, се претвори од место за живеење во средство за чување и зголемување на капиталот. Тоа е легитимно инвестициско однесување.

Но кога домувањето станува сè понедостапно за луѓето што живеат од плата, државата треба да ја разгледа и неговата општествена цена. Наместо само попусти за купување новоградби, Северна Македонија би можела да разгледа даночни инструменти што ја прават помалку привлечна практиката станбени недвижности да се држат долго време ненаселени. Вакви инструменти постојат во повеќе развиени држави, иако нивниот опфат и резултатите се разликуваат.

Во Обединетото Кралство, купувањето дополнителна станбена недвижност, вообичаено подлежи на повисок данок при трансакцијата. Дополнителната стапка изнесува пет процентни поени над редовните стапки. Во Германија, одделни градови наплаќаат посебен локален данок за второ живеалиште. Во повеќе европски држави се применува данок за недоволно користени станбени недвижности, кој често достигнува до сумата за издавање под кирија.

Овие примери покажуваат дека даночната политика може да прави разлика меѓу стан што се купува за живеење и дополнителна недвижност што се користи како инвестиција. Тоа не значи дека секој сопственик на втор стан шпекулира, ниту дека повисоките даноци автоматски ќе ги намалат цените. Потребни се внимателно дефинирани исклучоци, јасна евиденција и процена на ефектите врз пазарот на изнајмување. Но ваква дебата во Северна Македонија речиси и да нема.

Зошто да не се разгледа прогресивно оданочување на дополнителни станбени недвижности, со заштита на првиот дом и на оправданите случаи на привремено ненаселени станови? Зошто да не се воведат инструменти што ќе ги охрабрат сопствениците да ги изнајмуваат становите што со години стојат затворени? И зошто приходите од такви даноци да не се користат за јавни и достапни станови за млади, наместо целата станбена политика да зависи од приватните инвеститори?

Пред извесно време премиерот Мицкоски ја отвори и идејата за данок за неженети лица, поврзувајќи ја со демографските предизвици на државата. Но демографската политика не може да се разгледува одвоено од економските услови во кои живеат младите. Пред да се постави прашањето зошто некој не стапува во брак или не создава семејство, треба да се испита дали има стабилна работа, доволни приходи и можност за самостојно домување. Не може да се очекува младите да ја планираат својата иднина во земја каде што купувањето стан бара финансиски обврски што далеку ги надминуваат можностите на голем дел од домаќинствата.

Попустот од 20 отсто може да биде од помош за илјадници млади парови, но нема да го реши проблемот со домувањето. Социјалната неправда кај нас создаде една мала општествена категорија, која сочинува само 3 отсто од вкупното население, но која обавува приходи колку 40 отсто од граѓаните. За нив нема потреба од попуст, додека за 97 отсто од граѓаните становите ќе останат недостапни и со новиот владин предлог. Една ваква безперспективност ја празни државата и создава оправдани фрутрации кај младите.

Related posts

Ново нормално? Не. Ново неизвесно

admin

„Терористи“, „херои“, „Срби“

admin

Во Америка на Трамп, потрошувачот сè уште е крал

admin

На Полска повторно и се заканува тиранин. Овој пат Европа не смее да го тргне погледот

admin

Член 3: човекот во средиштето на здравствениот систем

admin

Десни, подесни, и крајно десни

admin