9.8 C
Скопје
17 ноември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Дамчевска за Алта банка: Институциите или потфрлиле или свесно замижале

Македонските институции треба да одговорат дали потфрлиле во проверките на сопственичката структура и потеклото на капиталот на Алта банка или свесно ги игнорирале достапните информации, изјави економската новинарка на „Слободен печат“, Весна Дамчевска, во интервју за „Трилинг“.

Говорејќи за собраниската надзорна расправа за случајот со Алта банка, Дамчевска оцени дека расправата разјаснила дел од прашањата за работењето на банката, но дека нејзиниот фокус бил пренасочен со обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски за деловните врски на претходната влада со српската банка.

„Мислам дека тука некој треба да препраша и да види и преиспита дали станува збор за потфрлање или за замижување, а и едното и другото носи одговорност“, рече Дамчевска.

ДОКУМЕНТОТ ОД 2023 ГОДИНА И ЈУГОСЛОВЕНСКАТА СУКЦЕСИЈА

Мицкоски на надзорната расправа презентираше документ од 2023 година, посочувајќи дека тогашната влада предводена од СДСМ и ДУИ имала контакти со Алта банка Србија и дека државниот правобранител бил испратен во Белград.

Дамчевска изјави дека, според документите што ги истражувала, постапката се однесувала на заштита на финансиските интереси на државата во Југословенската банка за извоз, во која поранешните југословенски републики имале сопственички удели.

Според неа, Министерството за финансии на Македонија фигурирало во документите на таа банка со сопственички удел од 1,74 проценти, кој го задржало до 2023 година.

Таа наведе дека Алта банка Србија во 2023 година стекнала повеќе од 90 проценти од акциите во Југословенската банка за извоз, со што се создале услови за принуден откуп и на преостанатите акции на малцинските акционери, меѓу кои била и македонската држава.

„Мене од ова некако ми доаѓа логично објаснувањето на СДСМ – што барал таму државниот правобранител. Меѓутоа, ми е нелогично како ваков документ се искористи да се отвори една надзорна расправа“, рече Дамчевска.

Опозицискиот СДСМ претходно соопшти дека ангажирањето на државниот правобранител било поврзано со заштитата на државниот капитал од југословенската сукцесија, а не со влезот на Алта банка на македонскиот банкарски пазар.

ПРОТИВРЕЧНИ ИЗЈАВИ НА ГУВЕРНЕРОТ

Дамчевска посочи и на разликите меѓу претходните изјави на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и неговото сведочење на надзорната расправа во Собранието.

Според неа, Славески на расправата се повикал на Законот за банките и навел дека биле извршени проверки на сопственичката структура и потеклото на капиталот, вклучувајќи проверки преку меѓународни платформи.

Гувернерот, според Дамчевска, изјавил дека Народната банка добила документација и од Народната банка на Србија и дека проверките не покажале причини за одбивање на дозволата за влез на Алта банка во Северна Македонија.

Дамчевска потсети дека во претходно интервју, дадено по воведувањето административна управа во Алта банка Битола, Славески изјавил дека не го познавал Давор Мацура и дека за него биле важни финансиските биланси.

„Сега одеднаш се знаеле и кој е и испитале потекло на имот. Не знам дали тогаш бил груб во однесувањето, дали навистина бил неупатен“, рече Дамчевска.

Таа побара да се преиспита и постапувањето на Агенцијата за разузнавање, Финансиската полиција и Управата за финансиско разузнавање во однос на информациите за Мацура и потеклото на капиталот.

„Јас мислам дека информации имале. Не може сите во Србија да знаат, а они ништо не знаеле“, изјави Дамчевска.

ЛИКВИДНА БАНКА, НО НЕИЗВЕСНА ПРОДАЖБА

Дамчевска оцени дека финансиските показатели на Алта банка Битола укажуваат на ликвидност, и покрај актуелната загуба во работењето.

Според неа, банката располага со значителен капитал и депозити, додека околу половина од депозитите се пласирани во кредити.

Таа, сепак, посочи дека прашањата за потеклото на капиталот и обвинувањата изнесени во јавноста можат да го усложнат процесот на продажба на банката.

„Од една страна изгледа дека имаме добра, јака банка, ќе ја продадеме, ама од друга страна има многу прашалници“, рече Дамчевска.

Таа се повика и на објаснувањето на вицегувернерката Ана Митреска за можностите на Народната банка да интервенира во сопственичката структура на Алта банка Битола.

Според тоа објаснување, по одземањето на дозволата за работа на банката во Србија, македонската Народна банка има право да ја одземе согласноста за поседување акции во банката во Северна Македонија и да ги ограничи правата на глас на акционерот.

НОВИОТ КРИВИЧЕН ЗАКОНИК И ОДГОВОРНОСТА НА МЕДИУМИТЕ

Дамчевска се осврна и на предложениот нов Кривичен законик, кој предвидува посебно кривично дело за загрозување на стабилноста на банкарскиот систем.

Таа оцени дека предложените одредби се многу строги, но истовремено нагласи дека новинарите треба да бидат особено внимателни при објавување информации за банки и финансиски пазари.

„Тие вести можат да донесат многу големи пазарни пореметувања, за некого можат да бидат и големи загуби, можат да доведат до крах на цели банки“, рече Дамчевска.

Таа посочи дека претходно одлучила да не објави непотврдени информации од Србија за наводно изнесување големи суми пари од банка, бидејќи немала докази за тврдењата и поради можните последици за штедачите и банкарскиот систем.

Дамчевска го критикуваше и претходниот настап на гувернерот Славески во кој, според неа, тој ја поврзал улогата на медиумите во Србија со проблемите на тамошната Алта банка.

ПОЛИТИЧКАТА ОДГОВОРНОСТ ОСТАНУВА ОТВОРЕНО ПРАШАЊЕ

Случајот со Алта банка Битола предизвика серија меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата за околностите под кои српската банка влегла на македонскиот пазар, проверките на потеклото на капиталот и одговорноста на надлежните институции.

ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ги обвинуваат претходната влада и функционери на ДУИ за деловни врски со Алта банка, додека СДСМ тврди дека преземањето на Стопанска банка Битола се случило во 2025 година, за време на актуелната влада.

СДСМ соопшти и дека поднел кривични пријави против гувернерот Славески и други лица поврзани со случајот.

Дамчевска оцени дека евентуалните информации што Мацура би можел да ги открие за своите деловни и политички контакти во Северна Македонија предизвикуваат загриженост кај дел од македонските политички елити.

„Мислам дека во моментов сме му далечни од фокусот на интересирање, веројатно за среќа на некого овде“, рече Дамчевска.

Related posts

МЗ потпиша колективен договор за зголемување на платите до 2028 година

admin

Убиен човекот кој го запали Куранот

admin

Можно повлекување на американските трупи од Косово по потенцијален договор Путин-Трамп за Украина

admin

Мицкоски до Софија: Нема веќе попуштања, заврши времето на предавства

admin

САД: С.Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот дијалог за решавање на разликите

admin

Лавдрим Лита: Трамп воопшто го нема Балканот на работната маса

admin