Косово побара помош од сомалиската влада за утврдување на местоположбата на девет членови на официјална делегација од Сомалија, кои го напуштиле своето сместување во близина на Приштина и не се појавиле на закажаното заминување од земјата, објавија сомалиските медиуми.
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово во дипломатска нота од 30 октомври изразило сериозна загриженост за судбината и безбедноста на деветтемина членови на делегацијата, чија местоположба останува непозната, објави сомалискиот портал „Хииран онлајн“.
Според документот, деветтемина го напуштиле сместувањето во комплексот „Дуа вилиџ“, во близина на Приштина, на 27 октомври околу 19 часот, еден ден пред планираното заминување од Косово.
Нивното отсуство било забележано следниот ден, кога службата за државен протокол организирала превоз на делегацијата до Меѓународниот аеродром во Приштина.
Деветтемина не се појавиле ниту на ВИП-терминалот на аеродромот, од каде што требало да отпатуваат.
„Министерството за надворешни работи и дијаспора на Република Косово изразува сериозна загриженост поради недостигот на информации за местоположбата на деветтемина членови на сомалиската делегација“, се наведува во дипломатската нота.
ДЕЛЕГАЦИЈАТА ЈА ПРЕДВОДЕЛЕ ДВАЈЦА ВЛАДИНИ ФУНКЦИОНЕРИ
Сомалиската делегација пристигнала во Косово на 25 октомври со лет на „Туркиш ерлајнс“.
Неа ја предводеле тогашниот државен министер за јавни работи, реконструкција и домување, Саид Мохамед Мохамуд, и тогашната заменик-министерка за пристаништа и поморски транспорт, Фартун Абдикадир Фарах.
Двајцата функционери го напуштиле Косово на 28 октомври, додека деветтемина членови на делегацијата не се појавиле на закажаното заминување.
Косовските власти соопштиле дека обидите да добијат информации преку високите претставници на сомалиската делегација не дале резултати.
Првичните проверки укажувале дека деветтемина самостојно го напуштиле сместувањето, но властите немале потврдени информации дали сè уште се наоѓаат во Косово или заминале во друга земја.
„Покрај институционалните и протоколарните аспекти, оваа ситуација предизвикува загриженост и за безбедноста и благосостојбата на деветтемина лица“, се наведува во дипломатската нота.
ДВАЈЦАТА ФУНКЦИОНЕРИ РАЗРЕШЕНИ ВО СОМАЛИЈА
Сомалискиот премиер Хамза Абди Баре на 4 ноември ги разреши Мохамуд и Фарах од нивните владини функции.
Кабинетот на премиерот јавно не ги образложи причините за нивното разрешување, а досега нема официјална потврда дека одлуката е поврзана со исчезнувањето на членовите на делегацијата.
Сомалискиот медиум „Гарове онлајн“, чии информации ги пренесе и албанската телевизија „Топ чанел“, објави дека постојат сомневања оти двајцата функционери го овозможиле патувањето на деветтемина лица во замена за паричен надоместок.
Според медиумот, лицата наводно биле претставени како вработени во државната администрација за да бидат вклучени во официјалната делегација и да добијат визи.
Овие наводи не се содржани во дипломатската нота на Косово и не се независно потврдени.
НЕПОЗНАТО ДАЛИ ЗАМИНАЛЕ ВО ДРУГИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ
Извори на кои се повикуваат сомалиските медиуми наведуваат дека деветтемина можеби отпатувале во други земји со намера да побараат азил.
Нивната дестинација, како и нивниот актуелен статус на престој, остануваат непотврдени.
Косовското Министерство за надворешни работи побара од сомалиските власти случајот да го третираат како приоритет и да обезбедат информации што би помогнале во утврдувањето на местоположбата и безбедноста на членовите на делегацијата.
Сомалиската федерална влада досега нема објавено детално објаснување за случајот, ниту потврдила дали воспоставила контакт со деветтемина.
Сомалија е меѓу земјите што ја признаваат независноста на Косово, прогласена во февруари 2008 година.
Приштина и Могадишу одржуваат дипломатски односи, а косовските власти сега бараат итна соработка за расветлување на околностите под кои членовите на официјалната делегација го напуштиле сместувањето.

