12.8 C
Скопје
11 ноември, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Каде се изгуби битката против корупцијата

Европската комисија ни даде поразителен извештај: Корупцијата остана да царува и покрај сите ветувања на Владата дека ќе ја искорени.

Пишува: Соња Крамарска

Во јавноста помина речиси незабележано дека Европската комисија ѝ удри звучна шлаканица на Северна Македонијаза одржувањето на корупцијата. Пораката што ја добивме е дека корупцијата останува широко распространета, а честите измени на законите и бавните судски процеси директно ја засилуваат перцепцијата за неказнивост кај случаите од таканаречен висок профил односно корупција во која се вмешани високи функционери.

Не помогна ни тоа што законодавната рамка за спречување на корупцијата претрпе три измени во рок од три години. Според Европската комисија тоа предизвикува сериозна загриженост за правната сигурност. Опомена има и за измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои имаа за цел да ја неутрализираат штетата од измените што ги донесе владата на СДСМ во 2023 година. Тие, според Комисијата не си ја исполниле целта затоа што и таков Кривичен законик „ја гали“ наместо да ја „тепа“ корупцијата.

Иако во законодавството беше вратена посебна одредба за злоупотреба на службената положба при јавните набавки, таа како што забележуваат и од Брисел е со премногу тесен опфат и покрива само два основа. Брисел констатира дека ова е недоволно за да се санкционираат други тешки манипулации во тендерските постапки. Измените воопшто не одговорија ниту на проблемот со застарувањето на кривичните дела, поради што судските процеси за висока корупција, вклучително и предметите од поранешното СЈО, продолжуваат масовно да паѓаат поради застареност.

Каде е ДКСК?

И Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) исчезна од радарот на јавноста. Не бранува, не предизвикува реакции, никого не нервира, не поставува прашања. Последна вест на нивната веб страница е дека неодамна им била одржана обука за примена на вештачката интелигенција и дигитални алатки во нивната работа. Еден од членовите на Комисијата, бил и во посета на Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово каде одржал предавање на мастер класот „Родот и корупцијата“. ДКСКизминатите денови имале и активности со домашни и меѓународни институции.

Добро е што ДКСК се надградува, но не треба да ја заборави својата примарна функција а тоа е да спречува корупција и судир на интереси. Извештајот на Европската комисија (ЕК) е и оценка за работата на ДКСК и според неговата содржина таа е негативна. Доколку ДКСК беше поуспешна и агилна во работата, државата ќе добиеше и поповолен извештај во областа на корупцијата.

И обвинителите, кои постојано се жалат на ниски плати треба да се замислат затоа што критиката на ЕК дека квалитетот на обвиненијата, доказните постапки и судските образложенија остануваат слаби и неконзистентни, се директна прозивка до нив. Тие ја докажуваат вината на обвинетите а не обратно. Очигледно е дека не се само политичките игри и калкулации во прашање туку и недостиг од стручност, знаења и вештини обвинението да се спроведе низ судската постапка и да резултира со пресуда.

Ете, како што забележува и Комисијата, иако се отворени истраги за злоупотреби на јавни пари, како што се случаите со директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, и судењето на поранешниот вицепремиер кој по меѓународна потерница се врати во домашен притвор, преточувањето на истрагите во правосилни пресуди се соочува со системски блокади.

Кој ни е виновен и што Државниот завод за ревизија редовно идентификува злоупотреби и финансиски неправилности, но надлежните органи не преземаат мерки по овие извештаи. Изгледа планот е да се вршат апсења, претреси и друг вид полициски акции, колку да се замачкаат очите на јавноста. Нема друг заклучок освен овој, затоа што на толку вести за апсења конечниот резултат да биде критика од Брисел дека нема борба против корупцијата, значи само дека битката против корупцијата е една добра претстава за јавноста.

Набавки без тендер

Може Владата колку сака да се удира в гради дека прави реформи, ако главната реформа стои во место, а тоа е ослободување на граѓаните од злото што го носи корупцијата. Според извештајот на ЕК конфискацијата на нелегално стекнат имот останува една од најслабите алки во антикорупцискиот систем. Се сеќавате на конфискуваниот имот на поранешниот директор на тајната служба Сашо Мијалков кој потоа пак заврши кај него? Таква конфискација спроведува нашата држава. Конфискација која значи срам за целиот систем и за органите на државата кои се платени да ја извршуваат таквата судска мерка.

Впрочем, за каква битка против корупцијата зборуваме ако владиното координативно тело за борба против корупцијата нема одржано состанок од април 2025 година. Што било толку поважно за Владата за да заборави на тоа тело кое беше најавено на големи ѕвона. На големи ѕвона беше најавено летото 2024 кога дојде новата Влада, дека приоритет над приоритетите ѝ е фаќање во костец со корупцијата. Време е да констатираме дека од тоа фаќање во костец, државата е ничкосана а корупцијата гордо стои над неа.

Во таква атмосфера не е ни чудно што во новиот закон за јавни набавки државата настојува да ја олабави регулативата и да се вршат јавни набавки без тендер. Во ситуација кога секој голем тендер е наместен, и тој контролен механизам е претворен во карикатура, може да се замисли како набавките ќе се вршат без тендер. Попусти се сите реформи ако конечно не видиме успех во војната со корупцијата, која засега државата ја губи. (DW)

Related posts

Рама, апсолутен шампион во прескокање поглавја, за нас „грозјето е зелено“

admin

И напред ѕид, и назад ѕид

admin

Кампањата не го почека распишувањето на изборите

admin

Само трпение!

admin

Со армија од послушници, како светот на Путин се претвори во ехо-комора

admin

Нема веќе, како Атлас, да го потпираме светот (Од новата Национална стратегија на Америка)

admin