Демократската унија за интеграција (ДУИ) соопшти дека претстојните локални избори не се само натпревар за општинско управување, туку претставуваат и политички референдум за идниот стратешки правец на Северна Македонија и нејзината ориентација кон Европската Унија.
„Повеќе од кога било, е јасно дека битката за општините е битка за државата“, соопшти партијата, повикувајќи се на неодамна усвоениот извештај на Европскиот парламент, во кој се изразува загриженост за растечкото влијание на Србија и Русија во земјата – дел од пошироката геополитичка стратегија наречена „Српски свет“.
ДУИ оцени дека ваквите наоди се „сериозна тревога за сите граѓани што веруваат во евроатлантските вредности и во демократската иднина на државата“. Според партијата, не станува збор за партиска реторика, туку за реалност потврдена од меѓународни партнери.
ДУИ, исто така, предупреди на институционален регрес и влошени меѓуетнички односи во услови на, како што вели, „влада без етнички легитимитет“. Според соопштението, во изминатиот период се уназадени правата на Албанците, укинат е системот на правична застапеност, а дискриминацијата во институциите е продлабочена.
„Се нарушува уставниот поредок и соживотот меѓу заедниците, што претставува сериозна закана за европските вредности“, се наведува во реакцијата на партијата.
ДУИ побара итно отворање на институционална истрага и организирање дебата во Собранието за проценка на, како што ја нарече, „опасноста што го загрозува европскиот курс на државата“.
„Како најсилна проевропска политичка сила, остануваме цврсти во одбраната на демократијата, стабилноста и евроатлантската иднина на Северна Македонија“, се наведува во соопштението.
Партијата оцени дека локалните избори ќе бидат клучен момент не само за решавање инфраструктурни прашања во општините, туку и за определба на државата – помеѓу „европскиот пат и алтернативна, ризична источна ориентација“.
„Секој глас на овие избори ќе биде глас за иднината и ориентацијата на земјата“, завршува соопштението на ДУИ.

