Премиерот Христијан Мицкоски објави две нови владини мерки на трибина во Кичево во четвртокот навечер – бесплатни уреди за сите студенти запишани на додипломски студии во учебната 2025/26 година и ново, линеарно зголемување на пензиите.
„Сите студенти ќе добијат таблет, лаптоп или компјутер. Поддршка за секој млад човек. А пензионерите ќе добијат зголемување токму како што бараа – линеарно,“ изјави Мицкоски.
Тој ја искористи трибината за да направи пресек на првата година од мандатот на Владата, опишувајќи ја како „година на темели“ и најавувајќи дополнителни економски и инфраструктурни инвестиции.
„Граѓаните ја вратија надежта во свои раце. По години хаос и понижување, дојде времето на работа и достоинство,“ рече тој.
Според Мицкоски, Владата ја стабилизирала економијата, ги зајакнала институциите и повторно започнала да инвестира во образованието, здравството, земјоделството и младите.
Премиерот посочи дека годинава за првпат по седум години, учебната година започнала со испорачани над еден милион учебници на првиот училишен ден.
„Печатени се над 100 нови наслови за средното стручно образование, се градат нови училишта и спортски сали, а објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура конечно се деблокирани,“ рече Мицкоски.
Тој додаде дека во 2025 година се обезбедени 38 милијарди денари за образованието, што, според него, претставува најголем буџет досега во овој сектор.
Говорејќи за пензионерите, Мицкоски изјави дека линеарното покачување на пензиите во текот на една година достигнало историски 7.000 денари.
„Можеби не е доволно, но е многу повеќе од она што се случуваше во минатото,“ истакна премиерот.
Тој најави и нови инвестиции во Кичево – изградба на патишта, водоводи, канализации, како и поддршка за сточарите, земјоделците и младите.
Во говорот, Мицкоски остро ја критикуваше опозициската СДСМ, обвинувајќи ја за „безидејност“ и „служење на странски интереси“. Тој ги обвини дека работат во корист на ДУИ и за „некритичко прифаќање на уставни измени“.
„Политиката не се води со омраза, поделби и прес-конференции на секој пожар. Народот гледа кој работи, а кој само напаѓа,“ рече премиерот.
Завршувајќи го говорот, премиерот испрати порака на надеж:
„Ова е време на визија. Време кога конечно се враќа вербата дека вреди да се остане тука. Оваа година ги поставивме темелите – од следната, ќе градиме кат по кат,“ рече Мицкоски, додавајќи: „Времето на Македонија допрва доаѓа.“

