Демократската унија за интеграција (ДУИ) повторно побара политичка поддршка за својата иницијатива за ветинг на јавните функционери, со меѓународен надзор, повикувајќи ги сите парламентарни партии да го поддржат предлог-законот доставен уште во 2020 година.
На прес-конференција, потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми, рече дека ветингот е неопходен за да се врати довербата во институциите и правдата.
„Бараме целосна проверка на имотот на сите носители на јавни функции во последните 33 години, како и истрага за процесот на приватизација и дејствувањето на безбедносните служби од 1945 година наваму,“ изјави Адеми. Тој додаде дека ДУИ го поддржува вклучувањето на меѓународни експерти и ја охрабрува секоја политичка партија да побара јавна истрага за сопствените функционери.
Иницијативата на ДУИ предизвика реакција од страна на првиот вицепремиер Изет Меџити, кој рече дека партијата треба да започне со ветинг во сопствените редови.
„Половина од раководството на ДУИ е на црни листи, а другата половина се соочува со кривични постапки. Најдобриот ветинг ќе бидат изборите, кога граѓаните ќе ја изречат конечната пресуда“, изјави Меџити.
Коалицијата ВЛЕН, која е дел од владината структура, ја обвини ДУИ за неисполнување на сопствените ветувања, вклучително и за најавениот внатрепартиски ветинг. Според нив, декларацијата за борба против корупцијата останала само на хартија.
Во изјава за медиумите, ВЛЕН побара јавна и независна ревизија на имотот и тендерите на функционерите на ДУИ, како и вклучување на меѓународни антикорупциски експерти во целиот процес.
„Ако ДУИ тоа не го направи, тоа ќе го направат гласачите“, стои во соопштението на коалицијата.
ДУИ е обвинета од политичките противници за поврзаност со корупциски скандали и нетранспарентно трошење на јавни средства преку бизнис релации на членови на партијата и нивните семејства. Иако партијата формално останува во опозиција, таа продолжува да биде централна тема во политичките дебати за интегритетот на јавните функционери.
Предлог-законот за ветинг, поднесен уште во 2020 година, досега не е ставен на дневен ред во Собранието. Сега, ДУИ вели дека неговото усвојување е прашање на политичка волја и тест за посветеноста на сите партии кон борбата против корупцијата.

