Чадот од пожарите на скопските депонии може да предизвика сериозни здравствени проблеми, особено кај децата, хронично болните и трудниците, предупредија во четвртокот лекарите, повикувајќи граѓаните да избегнуваат движење на отворено.
Жителите на повеќе скопски населби денови чувствуваат мирис на изгорено, кашлица и печење во очите поради палење на депониите Дрисла и Вардариште. Најтешка ситуацијата беше на 10 септември, кога ветерот го пренесе чадот од Дрисла кон градот, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Со денови смрди, но синоќа беше најстрашно… Дома прозор не може да се отвори,“ изјави жителка на Аеродром.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека анализите не покажале нивоа на загадување опасни за здравјето, но препорача граѓаните да остануваат во затворени простории. Директорот на Клиниката за пулмологија, Оливер Зафировски, предупреди дека согорувањето индустриски отпад ослободува токсини кои може да предизвикаат отежнато дишење и влошување на хронични заболувања.
Граѓаните бараат итни мерки, а дел веќе протестираат со блокади на улици. Властите најавија дека ќе ги затрупуваат жариштата со земја, а премиерот Христијан Мицкоски изјави дека пожарите можеби биле намерно подметнати за да се создаде паника во предизборието.
ДЗС соопшти дека состојбата е подобрена – Вардариште веќе не гори, а чадот од Дрисла е намален. Директорот Стојанче Ангелов најави забрана за движење на Вардариште и изработка на план за трајно обезбедување на локацијата.
Обвинителството во меѓувреме поднесе обвинение против три лица за неправилно управување со отпад на Вардариште. За Дрисла, засега нема покрената постапка.

