Предлог-законот на Владата на Северна Македонија за соодветна и правична застапеност во јавниот сектор претставува чекор кон пофлексибилен и европски усогласен модел по укинувањето на т.н. „Балансер“, но содржи сериозни празнини кои мора да се адресираат пред негово усвојување, оценува Венецијанската комисија.
Во мислење усвоено на пленарната седница во Венеција на 12–13 декември, Комисијата наведува дека новиот закон се обидува да воспостави рамнотежа меѓу уставното начело за соодветна застапеност на заедниците и принципот на вработување врз основа на заслуги, професионалност и интегритет. Но, според Комисијата, текстот останува премногу општ и остава клучни прашања да бидат регулирани со подзаконски акти.
Предлог-законот беше изготвен по одлуката на Уставниот суд од октомври 2024 година, со која беа укинати одредбите што овозможуваа задолжително етничко изјаснување и математичка распределба на работни места во јавната администрација. Судот оцени дека таквиот пристап ја нарушува еднаквоста на граѓаните и правото на пристап до работа под еднакви услови.
Венецијанската комисија го поздравува напуштањето на ригидниот квантитативен модел и воведувањето на концептите „соодветна“ и „правична“ застапеност, како и принципот на доброволно етничко изјаснување. Сепак, предупредува дека законот не објаснува доволно јасно како овие два принципа ќе се усогласат во пракса, особено во ситуации кога етничката застапеност и критериумите за квалитет на кандидатите можат да влезат во судир.
Комисијата нагласува дека според европските стандарди, особено Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, позитивните мерки се дозволени само ако се пропорционални, временски ограничени и строго неопходни за постигнување фактичка еднаквост. Во тој контекст, таа препорачува јасно да се утврди дека стручноста и квалификациите се примарен критериум при вработување, а припадноста на недоволно застапена заедница може да се земе предвид само како секундарен фактор, и тоа меѓу еднакво квалификувани кандидати.
Особена загриженост предизвикува предвидувањето за Координативно тело при Владата, кое би го следело спроведувањето на застапеноста. Комисијата смета дека неговиот состав и надлежности не се доволно јасно дефинирани со закон и дека премногу зависат од одлуки на извршната власт, што може да ја поткопа правната сигурност и довербата.
Дополнително, Комисијата укажува на потребата од поширока и поинклузивна јавна дебата, имајќи ја предвид чувствителноста на прашањето за етничката застапеност, и препорачува активна вклученост на заедниците, опозицијата и независните институции во понатамошната законодавна постапка.
Во заклучокот, Венецијанската комисија оценува дека иако насоката на реформата е во согласност со европските стандарди, Предлог-законот во сегашната форма не обезбедува доволно правна прецизност и заштитни механизми. Без дополнителни појаснувања и гаранции во самиот закон, постои ризик клучните одлуки повторно да се префрлат на подзаконско ниво, што би можело да ги обнови старите контроверзии околу политизацијата и етнизацијата на јавната администрација.

