Британскиот премиер Кир Стармер одби да каже дали воената акција на американскиот претседател Доналд Трамп врз Венецуела можеби го прекршила меѓународното право, наведувајќи дека сè уште ги собира сите факти за операцијата.
Во интервју за програмата „Sunday with Laura Kuenssberg“ на Би-Би-Си, Стармер рече дека Обединетото Кралство не учествувало во саботните масовни воздушни и копнени удари што резултираа со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
„Сакам да ги имам сите факти. Ситуацијата брзо се развива и сè уште немаме целосна слика,“ рече тој, додавајќи дека останува „доследен поддржувач на меѓународното право“, но нема да носи заклучоци пред да добие целосни информации.
Стармер потврди дека Британија работи со амбасадата во Каракас за да осигури безбедност и насоки за околу 500 британски државјани во земјата. Министерството за надворешни работи предупреди против сите патувања во Венецуела и им препорача на оние што веќе се таму да останат на безбедно место и да бидат подготвени брзо да ги променат плановите.
Трамп претходно изјави дека Мадуро и неговата сопруга биле однесени од Каракас во операција спроведена од американски специјални единици, и дека САД ќе ја „управуваат“ Венецуела сè додека, како што рече, не се воспостави „безбеден и уреден премин“.
Американските власти соопштија дека Мадуро е обвинет за трговија со дрога и оружје. Државниот секретар Марко Рубио рече дека не очекува понатамошни воени дејства.
Акцијата предизвика политички реакции во Британија. Конзервативната партија соопшти дека „никому нема да му биде жал“ поради отстранувањето на Мадуро, додека либералдемократите и Зелените побараа од владата јасно да ги осуди американските напади, оценувајќи ги како незаконски.
Стармер рече дека светот станал „понестабилен“, но дека е негова одговорност да одржува работни односи со Вашингтон.
Европската унија соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата и повика на почитување на Повелбата на ОН.

