Луксузната BMW со која лидерот на коалицијата ВЛЕН и градоначалник на Тетово, Билал Касами, пристигна на вчерашната лидерска средба во Клубот на пратеници предизвика бран реакции и критики на социјалните мрежи, засенувајќи ја самата политичка агенда на состанокот.
Корисници на социјалните мрежи ја критикуваа појавата на Касами со BMW од серијата 7, чија пазарна вредност, според медиумски проценки, се движи меѓу 100.000 и 150.000 евра, во услови на нисок животен стандард и економска криза во земјата. Дел од коментарите ја опишаа средбата како „парада на скапи автомобили“.
Во споредба, премиерот пристигна со службена „Шкода Суперб“, додека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, користеше „Ауди А8“ од 2018 година. Дополнително внимание привлекоа и регистарските таблички „7777“ на возилото со кое пристигна Касами.
По реакциите во јавноста, Касами за телевизијата Алсат изјави дека возилото било користено привремено, бидејќи неговото службено возило е на сервис.
„Ја разбирам чувствителноста на јавноста, особено во време кога граѓаните се соочуваат со економски тешкотии. За мене, материјалните работи не се суштински. Суштински се одговорноста, работата и резултатите во служба на граѓаните“, рече Касами.
Алсат, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека возилото е во сопственост на близок роднина на Касами.
Новинарот и сопственик на порталот „Тетова сот“, Рами Мислими, во објава на социјалната мрежа Фејсбук, поставува прашање зошто Касами дошол на средбата со возило вредно околу 150.000 евра, оценувајќи дека настанот отворил „сериозни дилеми“, од кои, според него, најконтроверзна е токму појавата на Касами со луксузното BMW со регистарски таблички „7777 RA“.
Мислими пишува дека, за разлика од отсуството на лидерот на СДСМ и учеството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети – кои, како што наведува, можат да се толкуваат политички – појавувањето на Касами со скапо возило било доживеано како „политичка непромисленост“ и обид за демонстрација на моќ.
Во објавата се изнесуваат и тврдења дека возилото е познато во Тетово како сопственост на „вујко Ракип“, при што се споменуваат долгогодишни гласини во јавноста за наводни врски меѓу Касами и неговиот вујко, како и сомнежи за негово фаворизирање при доделување општински тендери. Овие наводи не се потврдени од надлежни институции.
„Со оваа појава, Касами испрати порака и до своите коалициски партнери дека тој е доминантната фигура во ВЛЕН“, наведува Мислими, додавајќи дека таквиот настап, според него, нема врска со политичко лидерство.

