Адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на сопственикот на кочанското кабаре „Пулс“ Дејан Јованов-Деко и на неговиот син Михајло Јованов, побара од надлежните институции да реагираат поради, како што наведе, злоупотреба на нејзиниот лик на транспаренти носени за време на денешниот протестен „Марш за ангелите“ во Кочани.
На транспарентите, носени од родители и блиски на загинатите во пожарот во „Пулс“, Коцевска била прикажана со куфери полни со пари во симболичен приказ на светот на мртвите, покрај фигура која алудира на ѓавол или „ангел на смртта“, со пораката „Пари овде не ти се потребни“.
Во писмена реакција, Коцевска оцени дека ваквите претстави претставуваат лична и професионална дискредитација и повика државните органи да постапат во заштита на интегритетот и достоинството на адвокатската професија. Таа наведе дека досега се воздржувала од јавни реакции, од почит кон болката на семејствата на жртвите, но дека настаните од денешниот протест, според неа, ја надминале таа граница.
Коцевска смета дека револтот е поврзан со кривичната постапка што таа ја покренала против непознати лица за демолирањето на кафулето „Класик“ во трговски центар во Кочани, сопственост на еден од нејзините клиенти, што се случи еден ден по трагичниот пожар во март 2025 година. Во таа постапка, синот на сопственикот на „Пулс“ бара отштета од 1,2 милиони денари.
Протестот „Марш за ангелите“, кој се одржа по 36-ти пат, повторно ги собра родителите, блиските и поддржувачите на жртвите од пожарот во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Учесниците побараа целосно расветлување на трагедијата и неселективна правда.
„Правдата што доцни, не е правда“, беше главната порака на маршот, со најави дека протестите ќе продолжат сè додека, како што велат организаторите, виновниците не се соочат со одговорност.
Со едноминутно молчење беше оддадена почит и на младата дизајнерка Фросина Кулакова, која неодамна загина во сообраќајна несреќа во Скопје.
Организаторите упатија остра критика и до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, обвинувајќи дека истрагата, започната на 12 јуни 2025 година, неоправдано се одолговлекува. „Месеци наназад слушаме дека истрагата е во завршна фаза, но одлука сè уште нема. Бараме рок, одлука и одговорност“, порачаа тие.
Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ соопшти дека државата наплатила повеќе од 2,2 милиони денари персонален данок од донациите собрани за помош на настраданите во пожарот. Според иницијативата, одлучено е 123 лица да добијат по 15.968 денари, а 19 лица по 45.992 денари.
Блиските на загинатите порачаа дека нема да дозволат случајот со 63-те жртви да стане, како што наведоа, „уште една затурена папка“ во судските архиви.
Надлежните институции засега не се изјаснија ниту по реакцијата на адвокатката, ниту за напредокот на истрагата.

