36.8 C
Скопје
28 август, 2026
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУ

ИНТЕРВЈУ со д-р Рилинд Даути: Идеите на македонските револуционери за државното уредување се далеку понапред од денешниот Охридски договор!

Еден од аспектите на консоцијализмот е „пропорционалноста“, која има допирни точки со нашата реалност и е општоприфатен принцип што треба да се применува во повеќе аспекти. Во најдиректен случај, пропорционалноста се применува така што гласовите на избирачите се одразуваат и во распределбата на позициите во законодавниот дом (пропорционален систем наместо мнозинскиот модел „победникот зема сѐ“), а потоа и во бројот на ресори во владата. Но, пропорционалноста треба да вклучува и распределбата на јавните добра како вработувањата во администрацијата и распределбата на буџетот(…).

Пред десетина дена, на Универзитетот на Југоисточна Европа беше промовиран уште еден доктор на науки, Рилинд Даути (1995), кој по возраст е еден од најмладите со оваа академска титула. Рилинд за пошироката јавност не е непознат, бидејќи години наназад е доста присутен во многу пишани и електронски медиуми како и социјални мрежи со своите аналитички текстови за социополитички и културни феномени, издвојувајќи се длабочината на своето мислеље базирано на аргументи и компетентни извори. Како резултат на својот истражувачки дух, тој веќе има научно дело „Парадипломатијата во Западен Балкан: преглед на периодот после 1991 година“, но и со изненадуваçкото деби во литературата со делото „Посетување на себеси“ (реиздадено како „Посета на двојникот“),со раскази од научно-фантастичниот жанр, што е реткост во овдешните национални литератури.

Тема на неговата докторска дисертација е „Консоцијалистичка Македонија: теорија, пракса, иднина“, која има корени во заедничкото историско минато на народите што живеат во Македонија, пред сѐ меѓу Македонците и Албанците, но има и допирни точки со социјалната и политичката реалност на денешна Северна Македонија, што оваа тема  ја прави уште поактуелна.

Инбокс7: Честитки за успешната реализација на темата на докторската дисертација… Но, сите присутни на денот на одбраната имаа одредено љубопитство околу самиот клучен термин на темата. Да почнеме токму од него: што е „консоцијализам“ и зошто е важен за нас?

Р. Даути: За Македонија која немаше официјални граници, англиската авторка која претстојувала на овие простори, Едит Дурхам, има кажано дека тој не е јасно дефинирана и дека е „еластичен термин“. Како и Македонија, така и консоцијализмот има многу нејаснотии и противречни мислења околу тоа што е, што вклучува, кои држави и територии се управуваат по принципот на  консоцијализмот, кои се успешни примери, кои се поволни услови,…

Терминот се појавува првпат далечната 1603 година како „соработка во сојузништво“ од страна на германскиот протестантски правник и филозоф Јоханес Алтусис, кој барал да поттикне соработка и коегзистенција во градовите на Германија по протестанста реформација. Значи, уште од почеток се забележуваат околностите кои го прават консоцијализмот потребен: две или повеќе групи кои не се во добри односи меѓу себе, но се принудени да живеат и да управуваат заедно.

Како современа аналитичка матрица, консоцијализмот го воведе холандско-американскиот политоколог Аренд Липхарт во 60-те и 70-те години на XX век. Во нормативен смисол, тој претставува модел што симболизира начин на успешно решавање на проблемите во плуралните општества. Но тука се јавуваат теоретски проблеми. Што се подразбира под „плурално“, „фрагментирано“, „длабоко поделено“ или „сегментирано“ општество? Дали овие термини се синоними? Овие и многу други „недостатоци“ на теоријата се подетално разгледани во мојата докторска дисертација, но тука накратко ќе ги споменеме четирите критериуми на консоцијализмот: 1. Големи коалиции кои во наједноставна смисла, се коалиции во парламентарни системи каде во владата се застапени партиите на сите или на мнозинството сегменти на општеството. Во поширока смисла, тука може да влезе и случај кога, на пример, претседателот е претставник на еден сегмент, а потпретседателот на друг и има право на вето. Лајпхарт ги опишува големите коалиции како „картел на елитите“ и дека соработката меѓу елитите води до политичка стабилност. 2. Сегментална автономија во најчестата смисла подразбира територијална автономија на сегментите (до федерализам како краен пример), но може да биде и нетериторијална автономија за одредени прашања (на пр. култура). 3. Пропорционалноста — е општ принцип на консоцијализмот што треба да се применува во повеќе аспекти. Во најдиректна смисла, пропорционалноста се применува така што гласовите на избирачите се одразуваат и во распределбата на позициите во законодавниот дом (пропорционален систем наместо мнозинскиот модел „победникот зема сѐ“), а потоа и во бројот на ресори во владата. Но, пропорционалноста треба да вклучува и распределбата на јавните добра како вработувањата во администрацијата и распределбата на буџетот. Две варијанти што влегуваат во принципот на пропорционалност (иако на прв поглед изгледаат контрадикторни) се: намерно прекумерно застапување на помалите сегменти и паритет во застапеноста (1-на-1). 4. Меѓусебно вето кое иако така се нарекува, всушност повеќе станува збор за правото на помалите сегменти да се заштитат од надгласување. Липхарт го нарекува ветото најсилното оружје на малцинствата за да ги заштитат своите витални интереси во едно уредување со поделба на власта.

Инбокс7: Што мислите дека донесовте ново во ова поле на политичката и научната мисла? За време на вашето истражување, што ви остави впечаток, што ќе го привлече вниманието на читателите и истражувачите?

Р. Даути: Повеќето досегашни трудови за правниот и политичкиот поредок на Македонија се фокусираат на Охридскиот рамковен договор (2001), но има и истражувачи кои потеклото на одредени аспекти од уредувањето на Македонија го бараат и порано. Во албанските кругови почесто се споменува Уставот од 1974 година на Социјалистичката Република Македонија. Во денешниот Устав на РСМ како инспирација се наведува традицијата на Крушевската Република од 1903 година, додека професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски го бараат потеклото на уредувањето на денешна Македонија во „Уставот за идното државно уредување на Македонија“ од 1880 година.

Мојата хипотеза беше дека од минатото на Македонија постојат многу предлог-проекти и настани што можат да се објаснат со теоријата на консоцијализмот. Досега доста е напишано како историски наратив за бурните настани на македонското револуционерно движење и нивните современици кои исто така развиваа политичка активност во, и во врска со, Македонија, но не постоеше длабока анализа на програмските цели што ги пропагираа. Моите наоди се дека многу од тие политички идеи предлагаа шеми на управување кои ја земаа предвид етничката разновидност и дури можат да се објаснат со теоријата на консоцијализмот.

Импресивна е и проникливоста и прецизноста на дел од политичката публицистика со која се опишуваше состојбата на разновидноста и етно-националните непријателства во Македонија, со која се оправдуваше потребата од специфично уредување на автономна Македонија за која се залагаа и бореа.

Инбокс7: Како што може да се разбере, темата на дисертацијата, иако во голема мера се занимава со минатото, многу добро се поврзува со актуелноста. Од тоа што можеме да слушнеме и од членовите на комисијата, во минатото имало соработка на елитите на народите што живеат во Македонија – меѓу Македонците, Албанците, Власите – за национални цели кои биле слични. Дали поранешните елити биле визионерски или само утописки идеалисти со своите идеи, бидејќи тие тогаш не нашле примена?

Р. Даути: Проектите останаа на хартија затоа што не се реализираше автономна Македонија за која се бореа, но она што навистина се реализираше беше соработката меѓу политичките елити на различните народи што ја сочинуваа Македонија. Тоа само по себе има големо значење за денешнината, бидејќи според истражувачот Ханс Даалдер, консоцијализмот треба да има длабоки корени во политичката традиција на локалните елити.

Друга важност е политичкиот прагматизам на елитите од тоа време. Денес, една од тактиките за дискредитирање на барањата на Албанците е обвинувањето за „доаѓање на Албанците во Македонија од Албанија“ во османскиот период и делата на Арнаутите во служба на Турците, што покажува како историјата може да се чита селективно во служба на политички агенди. Ако почнеме од тие работи, логично би било Македонците да имаат поголем проблем со Турците кои ја освоиле Македонија и биле одлучувачи, а не со Албанците кои биле извршители. Но, со денешна Турција Македонците имаат одлични билатерални односи, а Турците во Северна Македонија се лојални граѓани кои немаат барања за национална еднаквост, па затоа не им ги споменуваат делата од минатото како што им ги споменуваат на Албанците.

За политичките актери македонци на пресвртот на XX век, тезата за „доаѓањето на Албанците од Албанија во Македонија“ морала да биде поблиску во времето, додека „зулумите на Гегските арнаути“ во служба на Турците се случувале во реално време или дури тие самите учествувале во борбите против нив; сепак, тие протегале рака за соработка, и во автономната Македонија за која се залагаа и бореа, предвидуваа да се признае посебноста, да се почитува политичката волја и/или да се гарантира учество во управувањето на народите што го сочинуваа мозаикот на Македонија.

Овој „прозорец“ за соработка беше отворен иако националистичките проекции на едната страна се судираа со проекциите на другата. На пример, од една страна албанското национално движење предвидуваше автономна Албанија до Прилеп, од друга страна Бугарија проектираше експанзија до Корча, додека македонските револуционери се бореа за автономна Македонија до Поградец.

По Првата Балканска војна, плановите на ниту една од овие страни не се реализираа, туку победници излегоа Србија и Грција. Незадоволството од поделбата на териториите и лошото постапување под власта на Белград и Атина, го поттикна зближувањето на незадоволните кои до вчера биле ривали или отворени непријатели, со цел ослободување од српската и грчката власт. Но тоа не беше чист опортунизам, бидејќи се водеа разговори за долгорочни планови за создавање на Македонија каде ќе се почитува нејзината разновидност и ќе се постигне тој утописки идеал каде, според зборовите на тврдокорниот  деец Александар Протогеров, ќе дојде до збратимување меѓу Бугарите, Албанците, Турците и Власите на Македонија.

Инбокс7: Идеите и концептите вклучени во твојот научен труд, во одредена смисла, може да се каже дека се влеани во уставниот поредок на нашата земја. Го имаме Охридскиот договор кој изгледа како да ги сублимира некои од тие модели на уредување… Може ли да се каже дека сме поблиску до поранешните идеалисти, или се оддалечуваме поради некои тенденции во последните години кои сакаат да ја оддалечат Македонија од нејзината општествена реалност?

Р.Даути: Според проценката на истражувачот Флориан Бибер, Охридскиот рамковен договор воведе во Македонија слаба и минималистичка форма на консоцијална поделба на власта, додека единствениот документ од проучуваниот период кој, според професорот Владо Поповски, е вратен со Охридскиот договор е документот на Македонската лига од 1880 година. Сепак, и тој документ и многу други предлози оделе подалеку од Охридскиот рамковен договор во официјалното признавање, давањето автономија и зајакнувањето на помалите групи. Но не треба да се занесуваме и да кажеме дека тие решенија се последователно подобри. На пример, „Уставот“ од 1880 година што го споменавме, предвидувал и аспекти на поделба на власта меѓу различните народи на Македонија, но исто така правел јасна хиерархиска разлика меѓу „доминантната народност“ и другите. Таков беше случајот и со подоцнежните револуционери кои многу јасно кажувале дека во автономна Македонија за која се бореле, поголемата група ќе има и поголемо влијание во управувањето на земјата и ќе „се грижи“ за братството на другите народи. Сепак, со решенијата што ги предлагаа, од Македонија не би се создала класична држава-нација која се идентификува со поголемата група додека другите имаат статус на малцинство. И тоа е најважното. Паролата „Македонија за Македонците“ со која се бореле македонските револуционери имала плуралистичко значење. Не ја имала денешната шовинистичка конотација на исклучивост, ниту значењето што некои кругови денес сакаат да им го продадат на Албанците: да се игнорира нивната посебност и Албанците да се асимилираат во македонската политичка нација, без сомнение, со карактеристиките и светогледот на етничките Македонци. Како пример за тоа се земаат американската и француската нација. Од друга страна, кај македонските револуционери се забележува и свест за такви просветителски и прогресивни концепти кои немаат врска со етно-националните разлики, како: народен суверенитет, апсолутна демократија, пропорционални избори, индивидуални слободи (вероисповед, изразување), и укинување на класните привилегии. Но исто така вклучени се и: еднаквост меѓу народите и религиите (не само еднаквост меѓу поединците), како и образование на мајчин јазик. Значи, свеста за модерни концепти за државата, правата, индивидуализмот и идеалот „Македонија за Македонците“ како општ идентитет за разновидното население на Македонија, не ги натера да ја игнорираат реалноста на етно-националните разлики како фактор што треба да се земе предвид, туку напротив, оделе дури толку далеку што и Соединетите Американски Држави и Франција, кои се примери par excellence на политички нации создадени преку асимилација на различни етнички групи, ги земале како примери на управување што треба да се применат во Македонија, но со почитување на етно-националните разлики што постојат во Македонија!

Инбокс7: Од твоето истражувачко искуство, мислите ли дека вашата студија може да им послужи како ориентација на денешните општествени актери во наоѓањето формули за поголема социјална кохезија? Имаме впечаток дека македонските политички актери ги гледаат достигнувањата во полето на еднаквоста или кохезијата како нешто наметнато, а не како нешто што произлегува од изворни идеи токму од оваа средина, за што зборува вашата дисертација?

Р.Даути: Повеќето од анализираните предлози-решенија биле составени и испратени од револуционери и активисти македонци кои биле во позиција на послабите што се борат за автономија против Отоманската империја и кои се обидувале да ги убедат Големите сили да го променат непожелното статускво. Кога избувна Првата Балканска војна, македонските револуционери ги заборавија претходните идеали за плуралистичка Македонија и масовно се приклучија на бугарската армија, која е познато дека се борела за бугарските национални интереси, а не за автономна Македонија во интерес на сите нејзини народи. Борците на ВМОРО учествувале и во она што некои истражувачи велат дека во таа војна која траела половина година, христијаните им ги вратиле „со камата“ на муслиманите сите незадоволства собрани за пет века. Дури, дејците на ВМОРО толку брзо го заборавиле почитувањето на верскиот плурализам, што во Одринско го предводеле процесот на насилна христијанизација на Помаците.

Откако Првата Балканска војна не се одвиваше како што посакувале, и не успеа Тивкешкото востание, а Бугарија ја загуби Втората балканска војна, македонските револуционери се вратиле на своите оригинални програмски принципи и дури се приближиле во соработка со поранешните непријатели: Младотурците. Сепак, во преговорите со нив за идното уредување на Македонија, што покажува како политичките цели се менуваат кога си во позиција на послаб и кога си во позиција на еднаков, македонските револуционери го одбиле предлогот на османската делегација и централната идеја на многу претходни проекти за Македонија што биле пласирани од самите македонски дејци: кантонално уредување на Македонија. Наместо тоа, беше усвоен друг принцип на децентрализација, со гаранција на пошироки општински права, „па дури и за малцинствата“.

Денес „кантонизацијата“ и „федерализацијата“ се главните „страшила“ за плашење од опасноста од Албанците. Разноликоста по која беше позната Македонија, во денешна РСМ е значително намалена и помалите групи ја прифатиле реалноста како малцинства или се задоволуваат со индивидуалните и граѓанските права, но Албанците, поради фактот дека се барем ¼ од населението, не се задоволуваат со тоа и сакаат нешто повеќе, за коешто има преседани низ Европа.

Од друга страна, чувството дека на Македонците им е направена неправда со распарчувањето на Македонија и дека Македонците немаат друга држава освен оваа парче земја, придонесува за упорноста да не ги делат власта и јавните ресурси со некој друг. Главната причина е онаа што важи за сите држави со разновидно население: доминантната група сака да ги зачува доминацијата и придобивките што таа ги носи. Статусквото во денешна РСМ е очигледно во корист на етничките Македонци, и тие по секоја цена сакаат да го зачуваат, но реално постојат тенденции да се промени и сегашната состојба така што уште повеќе ќе биде во корист на доминантната група, поткопувајќи ги дури и тие релативно слаби одредби на Охридскиот рамковен договор.

Инбокс7: Рилинд, твојата досегашна работа и ангажман, која не остана незабележана, како и ова истражување на докторската дисертација, може да биде охрабрување за сите амбициозни млади луѓе… Што би им советувал?

Р. Даути: Би им советувал да бидат трпеливи и проникливи работници. Ако сакаат да остават академска трага, нека ги научат сите лекции од предметите што ги следат, но нека имаат нешто што ги привлекува повеќе; нека бараат теми каде има празнина така што тие да ги пополнат со своето истражување. Во тој правец, да постапуваат според поговорката „будалата памти, паметниот пишува“, и секоја интересна идеја што ќе им дојде, нека ја запишат на мобилен или компјутер, можеби еден ден ќе им дојде шансата да ја разработат како што треба, и од она што го анализирале ќе придонесат за науката и општеството. И уште едно што би им го советувал е да ја искористат младоста полна со амбиции и енергија максимално за да се изградат себеси.

Related posts

Грковска во Вашингтон: Се надевам дека црната листа на САД уште повеќе ќе се надополнува

admin

Трендафилов: Веќе е донесена одлука за штрајк за платите во ФЗО

admin

Османи: Ако сака Влада, ВМРО-ДПМНЕ мора да се согласи на уставни измени

admin

Јаневска: Откриени нерегуларности на универзитетите во Тетово, Струга, Охрид…

admin

АНГЕЛА АГЕЛЕР ЗА „ЦРНИТЕ ЛИСТИ“: САД знаат дека тие лица биле вмешани во коруптивни активности

admin

ВИДЕО / Интервју со Христијан Мицкоски: Подготвен сум за компромис, но да не се сопнеме на нови пречки кон ЕУ

admin