Еден градежен работник загина, а четворица се повредени откако насип со земја се лизнал врз работници при ископ на темели на градилиште на улицата Козјак во скопската општина Кисела Вода.
Несреќата била пријавена утрово во 08:17 часот во СВР Скопје. На местото интервенирале екипи на Итната медицинска помош, полицијата, Центарот за управување со кризи и Противпожарната бригада.
„Денеска во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улица Козјак во Скопје, при ископ на темели со земја биле затрупани работници“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во Ургентниот центар на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ биле пренесени четворица повредени работници. Еден од нив е со потешки повреди на нозете, додека останатите се со полесни повреди и контузии.
„Последниот работник што е донесен е со лесна повреда“, изјави д-р Игор Мерџаноски, директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар.
Од Министерството за здравство соопштија дека кај еден од повредените се констатирани скршеници на двете потколеници и една натколеница, додека кај другите двајца биле утврдени полесни повреди.
„Двајца од работниците се со полесни телесни повреди и контузии, во тек се дијагностички процедури. Кај едниот од нив веднаш е санирана повреда на лактот, а третиот пациент е со скршеници на двете потколеници и една натколеница“, соопшти Министерството за здравство.
Д-р Драган Панов, шеф на смена во Итната медицинска помош Скопје, изјави дека на терен интервенирале четири амбулантни возила.
„Интервениравме со четири амбулантни возила“, рече Панов.
Според првичните информации, настраданите работници најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, а починатиот бил на околу 34 години. Надлежните велат дека точните околности ќе бидат утврдени по увидот.
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека дежурен јавен обвинител извршил увид на местото на несреќата и издал наредба за обдукција на починатиот работник.
„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатиот. Во насока на испитување на причините за несреќата и почитувањето на прописите за заштита при работа постапуваат и Државниот инспекторат за труд и општински градежен инспектор“, соопшти ОЈО Скопје.
Според објавените информации, објектот се градел врз основа на одобрение за градба издадено на 4 март 2026 година. Како инвеститор се јавува компанијата „Нар Инвестмент“, основана кон крајот на 2025 година од поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски.
Коневски изјави дека е потресен од трагедијата и дека надлежните институции треба да утврдат како дошло до несреќата.
„Потресен сум од трагедијата, надлежни институции постапуваат“, изјави Коневски.
Во друга изјава, тој рече дека земјиштето каде се гради зградата е на неговото семејство, а дека изведувач на објектот е фирмата „Јакимовски ДООЕЛ“.
„Трагедија е ова што се случи. Фирмата ‘Јакимовски ДООЕЛ’ е со долгогодишно искуство, сите постапки се запазени и добиени се сите одобренија за градба. Најверојатно се излизгало ненадејно земјиштето по што дошло до несреќата“, рече Коневски.
Според податоците објавени во медиумите, изведувач на објектот е „Компанија Јакимовски“, а проектант и надзор е фирмата „Сара-4“.
Надлежните институции треба да утврдат дали биле почитувани прописите за безбедност и заштита при работа, како и дали градилиштето било соодветно обезбедено во моментот на одронот.

