Европската Унија воведе нов пакет санкции против Русија, насочен кон банкарскиот сектор, со цел дополнително да го засили притисокот врз економијата на Москва поради војната во Украина.
Со мерките, околу 20 руски банки се исклучени од можноста да вршат трансакции во евра и да соработуваат со компании од ЕУ, со што вкупниот број санкционирани финансиски институции достигна околу 70.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста соопшти дека пакетот, кој е 20-ти по ред од почетокот на руската инвазија во 2022 година, стапил во сила откако Унгарија и Словачка го повлекле своето вето.
„Европа останува обединета и непоколеблива во поддршката за Украина“, порача Коста.
Санкциите опфаќаат и банки од трети земји, вклучително од Киргистан, Лаос и Азербејџан, со цел да се спречи заобиколување на рестрикциите преку алтернативни канали за плаќање, особено во трговијата со руска нафта и гас.
Дополнително, на европските компании им се забранува соработка со руски фирми поврзани со криптовалути, додека странските банки се соочуваат со ограничувања во користењето на системот SWIFT за меѓународни плаќања.
Брисел воведува и ограничувања за извоз на одредени високотехнолошки производи кон Киргистан, откако податоци покажале дека тие се користат за заобиколување на санкциите и повторен извоз кон Русија.
Ова е првпат ЕУ да го активира таканаречениот инструмент против заобиколување на санкциите.
Првично, пакетот требаше да биде усвоен во февруари, но беше блокиран од Унгарија и Словачка, кои ја обвинија Украина дека го забавува поправката на нафтоводот „Дружба“, клучен за снабдување со руска нафта.
Откако транспортот на нафта беше обновен, а по изборниот пораз на Виктор Орбан, Будимпешта го повлече ветото и за санкциите и за финансискиот пакет за Украина.
Европските дипломати оценуваат дека новите мерки имаат за цел да го ограничат пристапот на Русија до меѓународните финансиски текови и да го отежнат финансирањето на воените активности.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ефективноста на санкциите ќе зависи од нивното спроведување и од способноста на ЕУ да спречи нивно заобиколување преку трети земји.

