Министерството за здравство воведе нов модул во националниот електронски систем „Мој термин“, кој овозможува евидентирање на здравствени услуги за лица без лични документи, изјави министерот за здравство Азир Алиу.
Модулот е дел од нов протокол за постапување со лица без државјанство, изработен во соработка со Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со цел надминување на долгогодишни административни пропусти.
Алиу изјави дека протоколот има директно значење за пристапот до здравствени услуги, нагласувајќи дека „лицата без државјанство не смеат да останат без здравствена заштита“.
Според новото решение, лицата без утврден идентитет ќе добиваат единствен идентификационен број преку надлежните институции, што ќе им овозможи да бидат препознаени во здравствениот систем.
Со тоа се овозможува отворање електронско здравствено досие, во кое ќе се евидентираат сите прегледи и услуги, обезбедувајќи континуитет на податоците и институционална трага за понатамошни правни и административни постапки.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека протоколот претставува „историски чекор“ во решавањето на проблемот со лицата без државјанство, додавајќи дека се воспоставува механизам за долгорочен институционален пристап.
Алиу нагласи дека здравствениот систем често е првата точка на контакт на овие лица со институциите, особено кај мајки без здравствено осигурување и нивните новороденчиња.
„Преку програмата за мајки и деца обезбедуваме бесплатно породување и здравствена заштита, што претставува основа за нивно понатамошно интегрирање во општеството“, рече тој.
Протоколот беше промовиран на настан организиран од ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи, како дел од напорите за подобрување на пристапот до основни човекови права за оваа категорија лица.

