Опозициската СДСМ ја обвини Владата дека со месеци ги крие реформските закони и ја блокира реформската агенда, додека министерот за правда Игор Филков претходно изјави дека токму опозицијата е одговорна за застојот поради неучество во работната група за изборното законодавство.
Од СДСМ велат дека уште од мај 2025 година бараат од Министерството за правда да ги објави реформските закони, прашувајќи зошто тие не се достапни на јавната платформа ЕНЕР и зошто не се доставени до Собранието.
„Како е можно нашето прво отсуство од работната група да се користи како изговор дека ги блокираме реформите, кога една година наназад бараме тие закони да бидат подготвени и објавени“, соопштија од партијата.
Опозицијата тврди дека околу 10 милиони евра европски средства за правосудни реформи се доведени во прашање поради, како што велат, неактивноста на власта.
Претходно, министерот за правда Игор Филков изјави дека поради отсуството на СДСМ била одложена седницата на работната група и дека со тоа директно се загрозуваат 4,28 милиони евра.
Тој ја обвини опозициската партија дека „свесно ја блокира реформската агенда“ и дека со тоа го кочи европскиот напредок на земјата.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата има рок до крајот на јуни да реализира десетина реформски чекори, но најави дека дел од нив можеби нема да бидат спроведени за да се избегне дополнителен финансиски товар врз граѓаните, особено во енергетиката.
СДСМ, од друга страна, предупредува дека владините политики, вклучително и иницијативите за укинување на техничката влада, можат да влијаат врз кредибилитетот на реформскиот процес и изборните стандарди.
Размената на обвинувања доаѓа во време кога Брисел бара конкретен напредок во реформите, а дел од европските средства се условени со нивната навремена реализација.

