Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати остри критики кон словачкиот премиер Роберт Фицо поради неговото присуство во Москва за време на одбележувањето на Денот на победата над нацистичка Германија.
„Роберт Фицо знае дека не се согласуваме. Длабоко жалам поради тоа и ќе разговараме со него за овој ден во Москва“, изјави Мерц на заедничката прес-конференција со шведскиот премиер Улф Кристерсон во Стокхолм.
Фицо беше единствениот лидер од Европската Унија што отпатува во Москва, каде традиционално на 9 Мај се одржува воена парада на Црвениот плоштад по повод победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во 1945 година.
Иако не учествуваше директно на парадата, словачкиот премиер во петокот положи венец на Гробот на незнајниот војник покрај ѕидините на Кремљ.
Неговата посета предизвика критики и во Словачка и во рамките на Европската Унија.
Мерц престојуваше во Стокхолм за да учествува на конгресот на шведската конзервативна партија Модерати, предводена од премиерот Кристерсон.
„Денес во Стокхолм го одбележуваме Денот на Европа и тоа е нешто сосема различно“, изјави германскиот канцелар.
Шведските медиуми неговото присуство го оценија и како почеток на кампањата на Кристерсон пред парламентарните избори во Шведска, закажани за 13 септември.

