27.4 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

СДСМ нема да го поддржи законот за „Безбеден град“, бара јасни правила за заштита на личните податоци

Опозициската СДСМ соопшти дека нема да го поддржи предлог-законот за прекршоци, кој е клучен за целосна примена на системот „Безбеден град“, наведувајќи дека проектот се воведува без доволно јасна регулација за заштита и управување со личните податоци.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата не е против зголемување на безбедноста во сообраќајот, но дека не може да даде поддршка за, како што рече, „парцијално и недоволно регулирано воведување на системот“.

„Факт е дека токму СДСМ го започна проектот ‘Безбеден град’. Ние сме за безбедност во сообраќајот, но и за безбедност на личните податоци – прашање што актуелната власт ниту го коментира, ниту сериозно го регулира“, изјави Филипче на прес-конференција.

Тој додаде дека во предложеното законско решение не се уредени клучни аспекти, како што се управувањето со обемните бази на лични податоци, механизмите за контрола и нивната заштита од злоупотреби.

„Ние сме конструктивна, но не и контролирана опозиција“, рече Филипче, додавајќи дека ќе се види каков ќе биде конечниот исход од политичките договори околу законот.

За усвојување на законските измени е потребно двотретинско мнозинство во Собранието. Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) најавија дека ќе го поддржат проектот „Безбеден град“, кој, според најавите, треба да започне со примена наскоро. Во моментов, системот се тестира преку пробни контроли на улиците во Скопје.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изрази жалење поради одлуката на СДСМ, оценувајќи дека безбедноста на граѓаните во сообраќајот треба да биде надпартиски приоритет.

„Навистина ми е жал што не дадоа поддршка. Ако заштитата на човечките животи не е приоритет, тогаш не знам што би било“, изјави Тошковски во интервју за ТВ Сител.

Тој посочи дека користењето на лични податоци, видеоснимки и следење на возила постоело и во периодот кога СДСМ била на власт, но дека тогаш, според него, немало сериозен обид тие практики да се усогласат со Законот за заштита на личните податоци.

Системот „Безбеден град“ се очекува да започне со примена од 1 февруари и ќе санкционира четири видови сообраќајни прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, неправилно запирање и паркирање, како и управување нерегистрирано возило.

По евидентирањето на прекршокот, Министерството за внатрешни работи ќе биде обврзано да им достави докази на граѓаните. Предвидено е и плаќање на казните со попуст од 50 проценти доколку се платат во рок од осум дена, како и електронско плаќање преку банкарски апликации и посебна апликација на МВР.

Related posts

Германија ќе ја формира најсилната војска во Европа

admin

Администрацијата на Трамп повикува назад речиси 30 кариерни дипломати ширум светот

admin

Средба Груби – Грвала: Регионот е побезбеден како дел од НАТО и ЕУ

ninja

Највисокиот воен командант на НАТО испрати порака од Скопје: Македонија останува важен сојузник

admin

ВЛАДАТА ИНИЦИРА ОДЗЕМАЊЕ НА ДРЖАВЈАНСТВОТО НА ОНИШЧЕНКО

ninja

Случај Стафа: Садење тикви со ѓаволот

admin