Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе се откаже од воведување казнени царини кон осум европски земји, откако, како што наведе, постигнал договор за рамка на можен иден договор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, поврзан со Гренланд и поширокиот арктички регион.
Во објава на својата платформа „Трут“, Трамп рече дека рамковниот договор произлегол од „многу продуктивна средба“ со Руте на маргините на Светскиот економски форум во Давос и дека, доколку биде имплементиран, ќе биде „од голема корист за САД и сите членки на НАТО“.
„Врз основа на овој договор, нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, напиша Трамп.
Тој не соопшти детали за содржината или структурата на рамката, наведувајќи само дека таа ги исполнува сите барања на САД и дека сите вклучени страни се задоволни.
Извори блиски до Светскиот економски форум, сепак, посочуваат дека сè уште не станува збор за финализиран договор, туку за основа за понатамошни преговори. Според тие информации, рамката предвидува нова верзија на договорот за одбрана од 1951 година меѓу Данска и САД, кој го регулира стационирањето на американски трупи во Гренланд.
Во идните разговори, според истите извори, се очекува да се отвори прашањето за контрола врз странските инвестиции и експлоатацијата на минерални ресурси на островот, како и за зголемено присуство на европските членки на НАТО во арктичкиот регион.
Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, повикувајќи се на извори од НАТО, објави дека Руте на средбата со Трамп предложил САД да преземат дел од воените бази во Гренланд, заедно со воспоставување нова мисија за надзор на Алијансата на далечниот север.
Во интервју за CNBC, Трамп го опиша рамковниот договор како „долгорочен“ и „за вечност“, додавајќи дека деталите од, како што рече, „до некаде сложениот договор“ ќе бидат објавени подоцна.
Тој најави дека преговорите ќе ги водат потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и други претставници. На прашањето дали договорот подразбира преземање на Гренланд од страна на САД, Трамп не даде јасен одговор, оценувајќи дека станува збор за „комплексно“ и долгорочно прашање.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги потврди изјавите на Трамп, велејќи за германската телевизија АРД дека неговото толкување е „коректно“, но одби да изнесе детали, нагласувајќи дека разговорите ќе продолжат. Тој додаде дека прашањето за суверенитетот на автономната територија Гренланд не било предмет на дискусија.
Портпаролка на НАТО соопшти дека разговорите меѓу сојузниците ќе се фокусираат на заедничко обезбедување на Арктикот, особено меѓу седумте арктички членки на Алијансата – САД, Канада, Данска, Норвешка, Шведска, Финска и Исланд – со цел да се спречи Русија и Кина да воспостават економско или воено присуство во Гренланд.
НАТО-сојузниците претходно јавно го отфрлија барањето на Трамп САД да стекнат право на сопственост врз Гренланд. Американскиот претседател минатата недела се закани со воведување царини од 10 проценти за европските земји кои се противат на неговите планови, со можност тие да пораснат на 25 проценти доколку до јуни не се постигне договор.

