Голем рој пчели во петокот предизвика краткотраен прекин на движењето пред Белата куќа, откако илјадници инсекти се собрале во близина на приодот кон северниот тревник, јавија американските медиуми.
Новинари кои известуваат од Белата куќа објавија видеа и фотографии од необичната сцена, додека обезбедувањето и присутните кратко се повлекле од просторот.
Репортерката на „ЊузНејшн“, Кели Мајерс, напиша дека ројот целосно го блокирал приодот, додавајќи дека било „време да се свртат назад“.
Репортерката на „Фокс њуз“, Александрија Хоф, објави видео во кое се слуша како присутните ја опишуваат сцената како „пчелно торнадо“.
Според новинарот Едвард Лоренс, на локацијата имало „илјадници“ пчели.
Пчеларството во Белата куќа постои од 2009 година, кога бил воспоставен проект за одгледување пчели во рамки на иницијатива за поддршка на опрашувачите.
Минатиот месец првата дама Меланија Трамп претстави нова кошница во форма на минијатурна Бела куќа.
На социјалните мрежи брзо се појавија шеги за инцидентот, вклучително и коментари поврзани со кампањата „Be Best“ на Меланија Трамп.
Експертите за инсекти наведуваат дека ваквите роеви најчесто не се агресивни. Роењето е природен процес кога старата матица ја напушта кошницата заедно со дел од работничките пчели во потрага по ново живеалиште.
Ентомолозите предупредуваат дека пчелите можат да нападнат само доколку се испровоцирани.

