Владејачката партија Тиса во Унгарија до парламентот достави предлог-уставни измени со кои се ограничува мандатот на премиерот на максимум осум години, потег што практично би го блокирал поранешниот премиер Виктор Орбан повторно да ја преземе функцијата.
Премиерот Петер Маѓар, кој на изборите во април го порази националистот Орбан по 16 години власт, најави дека ќе го искористи двотретинското мнозинство за да ги поништи и измени законите донесени од Фидес, вклучително и уставот, со цел враќање на демократските механизми и институционалната контрола.
Според предлогот објавен на веб-страницата на парламентот, лице кое било премиер најмалку осум години нема да може повторно да биде избрано на таа функција. Ограничувањето ќе важи за сите премиерски мандати по 2 мај 1990 година.
Предлогот исто така предвидува премиерот задолжително да ја напушти функцијата по вкупно осум години или два мандати.
Со измените се отвора пат и за укинување на Канцеларијата за заштита на суверенитетот, институција формирана од Орбан во 2023 година, која следеше медиуми и организации означени како закана за унгарскиот суверенитет.
Новата влада планира и враќање на државната контрола врз фондациите што управуваат со речиси дваесетина универзитети, а кои добија државни средства и имот во вредност од стотици милијарди форинти за време на владеењето на Орбан.
„Амандманот јасно утврдува дека, иако фондациите се приватни субјекти, нивниот имот претставува национален имот“, се наведува во текстот на предлогот.
Виктор Орбан ја водеше Унгарија од 2010 година и изгради централизирана политичка структура што често беше критикувана од Европската Унија поради притисоци врз медиумите, судството и граѓанскиот сектор.

