Премиерот Христијан Мицкоски по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, упати честитка во свое лично име и во име на Владата, посакувајќи мир, здравје и благосостојба за припадниците на влашката заедница.
„Влашката заедница има значаен придонес во градење на македонската држава. Влашката култура, традиција и обичај се силен белег во развојот на државата“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека единството, толеранцијата и меѓусебното разбирање се вредности кои треба заеднички да се негуваат за изградба на општество засновано на доверба и почит.
„Заеднички да работиме за просперитет и раст на Македонија, за сегашните и идните генерации да имаат услови да ја градат сопствената иднина тука, во својата татковина“, се наведува во честитката.
Со честитка се огласи и СДСМ, од каде порачаа дека Националниот ден на Власите е можност да се оддаде признание за придонесот на влашката заедница кон државата.
„Со гордост се сеќаваме на значајната улога на сите Власи кои храбро и пожртвувано учествуваа во најважните поглавја на нашата долга и богата историја, во борбата за слобода, државност и независност“, наведоа од СДСМ.
Од партијата истакнаа дека влашката заедница и денес несебично придонесува во градењето на современото општество, заедништвото и меѓусебното почитување.

