Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на денешната седница за пратенички прашања упати остри обвинувања кон министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оценувајќи дека безбедносниот систем во државата е во „целосен распад“.
Талески рече дека во изминатиот период Македонија се соочила со серија тешки криминални и насилни случаи, меѓу кои убиства, семејно насилство, шверц на дрога и сомнежи за протекување класифицирани информации и НАТО-документи.
„После толку жртви, убиства, насилства, пет тони дрога преку граница и целосен распад на безбедносниот систем, се отвора едно суштинско прашање: што уште треба да се случи“, рече Талески од собраниската говорница.
Тој обвини дека Министерството за внатрешни работи не функционира ниту како превентивен, ниту како заштитен механизам за граѓаните.
Како примери ги наведе случаите со семејно насилство и убиства во Скопје, Велес и Старо Нагоричане, како и трагедијата во Кочани во која загинаа 63 лица.
Талески рече дека во Прилеп биле запалени 24 возила, бил опожарен ноќен клуб, а угостителските објекти станале место за оружени пресметки.
„Превенција нема. Одговорност нема“, изјави тој.
Пратеникот на СДСМ ја обвини власта дека полицијата е партизирана и ставена во функција на политички интереси.
Тој се осврна и на случајот со сомнежи за протекување класифицирани информации и НАТО-документи од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, тврдејќи дека МВР со месеци не постапувало по барањата на Обвинителството за обезбедување докази.
„Тоа значи дека вашето МВР директно ја опструирало истрагата“, рече Талески.
Тој побара од Тошковски да одговори дали чувствува лична, морална и политичка одговорност за состојбите во МВР и дали ќе поднесе оставка.
Во вториот дел од своето обраќање, Талески го отвори и прашањето за вицепремиерот Арбен Фетаи, обвинувајќи го дека со месеци не присуствува на владините седници и дека јавноста го гледа „на патувања низ Тајланд и Азија“.
Талески праша дали Фетаи и натаму користи полициско обезбедување и дали припадници на МВР патувале со него во странство.
„Дали МВР е институција што треба да ги штити граѓаните или приватен сервис за функционери кои не работат, а уживаат привилегии на товар на народот“, праша Талески.

