Осум години по потпишувањето на Преспанскиот договор, документот што требаше да стави крај на деценискиот спор меѓу Грција и тогашна Република Македонија и да го отвори патот кон евроатлантската интеграција, останува извор на политички тензии и предмет на селективна примена од двете страни.
Во авторски текст за грчкиот весник „Катимерини“, новинарот Ставрос Цимас оценува дека договорот, иако донесе конкретни придобивки – членството на Северна Македонија во НАТО и меѓународната употреба на новото име – денес се наоѓа во политички ќорсокак.
Според него, владата на ВМРО-ДПМНЕ, која дојде на власт по падот на владата на Зоран Заев што го потпиша договорот, систематски работи на негово поткопување преку инсистирање на употребата на името „Македонија“ во домашната комуникација и одбивање целосно да ги спроведе обврските што произлегуваат од договорот.
Од друга страна, Цимас посочува дека и Атина не ги исполнила сите свои обврски. Грчкиот парламент сè уште не ги ратификувал трите меморандуми за соработка предвидени со Преспанскиот договор, што според него претставува грчки одговор на однесувањето на Скопје.
„Иднината на договорот е неизвесна, но ниту една од страните не изгледа особено загрижена“, пишува авторот.
Во анализата се нагласува дека Грција моментално нема причина да троши дипломатски капитал за да инсистира на спроведување на Преспанскиот договор, бидејќи европскиот пат на Северна Македонија веќе е блокиран од Бугарија поради спорот околу внесувањето на Бугарите во Уставот.
Но, дури и ако Скопје го надмине бугарското вето, предупредува Цимас, ќе мора повторно да се соочи со Атина.
„Премиерот Христијан Мицкоски, доколку го надмине бугарскиот предизвик, ќе мора да се справи и со Грција, а вртелешката на јужниот Балкан ќе продолжи“, наведува авторот.
Според текстот, Европската унија сака интеграција на Западен Балкан пред сè од геополитички причини, но без увезување на билатерални и етнички спорови меѓу земјите кандидати и земјите членки.
Авторот оценува дека сегашното раководство во Скопје е свесно за оваа реалност, но дека тешко успева да ги надмине националистичките политики кои, според него, го усложнуваат процесот на европска интеграција.
Преспанскиот договор беше потпишан на 17 јуни 2018 година на брегот на Преспанското Езеро од тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, со што беше затворен спорот за името меѓу двете земји. Договорот беше поздравен од Европската унија, НАТО и САД како еден од најзначајните дипломатски успеси на Балканот во последните децении.
Сепак, осум години подоцна, неговото целосно спроведување останува недовршен процес, додека европската перспектива на Северна Македонија и натаму е оптоварена со спорови со соседите.

