Владината реконструкција влегува во финална фаза, а до крајот на неделата се очекува да бидат познати новите кадровски решенија, како и евентуалните промени во распределбата на министерските ресори меѓу коалициските партнери.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека првичните разговори со коалициските партнери ВЛЕН и ЗНАМ поминале во конструктивна атмосфера и најави нов циклус состаноци во текот на неделата, по што ќе следува финализирање на процесот.
„Во текот на оваа недела повторно ќе имаме средби и очекувам тие да бидат завршни. Во текот на викендот очекувам да се финализира сето тоа и со имиња и со останати специфики. Да, постои опција и за промена на ресори и за тоа е разговарано“, изјави Мицкоски.
Иако официјално не се откриваат имиња, реконструкцијата веќе отвори шпекулации околу позициите на неколку министри и директори. Според информации од владини кругови, разговорите не се ограничени само на кадровски промени, туку опфаќаат и можни рокади меѓу ресорите со цел, според власта, да се зголеми ефикасноста на извршната власт.
Од коалицијата ВЛЕН потврдуваат дека веќе се направени внатрешни анализи за работата на нивните функционери. Портпаролот Мухамет Елмази вели дека претстојните состаноци ќе покажат кои функционери ќе останат на позициите и дали ќе има промени во распределбата на министерствата.
„Тоа беше првичен состанок. Следуваат и други средби каде што ќе се дефинира кој ќе се смени и дали ќе има промена на ресори“, изјави Елмази.
Во меѓувреме, од ЗНАМ остануваат воздржани во однос на деталите од преговорите. Партијата претходно јавно соопшти дека нема намера да се откаже од министерот за јавна администрација Горан Минчев и министерот за правда Игор Филков, но потврдува дека разговорите со партнерите продолжуваат.
Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска изјави дека не сака да шпекулира со кадровските решенија, бидејќи тоа е исклучива надлежност на Владата. Тој посочи дека штом предлозите стигнат во Собранието, ќе биде свикана седница во најкраток можен рок.
„Тоа е одлука на Владата. Кога предлогот ќе пристигне во Собранието, ќе постапиме согласно процедурите и ќе закажеме седница во најбрз можен рок“, рече Гаши.
Политичките кругови веќе шпекулираат со повеќе можни промени. Меѓу имињата кои најчесто се споменуваат се министерот за спорт Борко Ристовски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Во исто време се појавуваат информации дека би можело да бидат сменети и Министерот за економија, Бесар Дурмиши како и тој за интеграција во ЕУ, Беким Сали.
Реконструкцијата доаѓа една година по формирањето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ и се смета за прв посериозен тест за функционирањето на коалицијата. Власта ја претставува како процес насочен кон подобрување на резултатите и забрзување на реализацијата на владината програма, додека опозицијата оценува дека станува збор за козметички промени кои нема суштински да влијаат врз политиките.
Според најавите од Владата, конечната одлука за реконструкцијата треба да биде донесена до крајот на неделата, по што ќе следува собраниска процедура за избор на новите функционери и евентуално прераспределување на ресорите.

