Албанија е рангирана на првото место меѓу земјите од Западен Балкан и на 46. место во светот според Индексот за еколошки перформанси за 2026 година, соопшти премиерот Еди Рама.
Индексот опфаќа 177 земји и ги оценува нивните резултати во повеќе области поврзани со заштитата на животната средина, климатските политики и управувањето со природните ресурси.
Според Рама, Албанија во изминатата деценија забележала најголем напредок во регионот, додека во категоријата за ублажување на климатските промени е рангирана на 21. место во светот.
„Овој резултат покажува дека реалноста е поинаква од впечатокот што понекогаш се создава во јавноста“, рече Рама во видеопорака објавена на социјалните мрежи.
Тој оцени дека рангирањето е потврда за промените направени во период кога Албанија се обидува да го намали уништувањето на шумите, загадувањето на реките и неконтролираното депонирање отпад.
Рама: Резултатот не е медал, туку одговорност
Албанскиот премиер рече дека земјата во минатото се соочувала со масовна сеча на шумите, див лов, загадени водотеци и недоволни институционални капацитети за заштита на природата.
Според него, напредокот не треба да се користи за отфрлање на критиките од еколошките организации и граѓанските иницијативи.
„И ние сме грешеле, имаме уште многу да научиме и многу да подобриме. Овој извештај не е медал што треба да им се покаже на оние што мислат поинаку, туку голема одговорност“, рече Рама.
Неговата изјава доаѓа во период на засилени јавни реакции околу туристичките и градежните проекти во заштитените подрачја, вклучително и крајбрежните и мочуришните зони.
Рама го поздрави зголемениот интерес на јавноста за заштитата на шумите, лагуните, фламингата и биолошката разновидност, оценувајќи дека тоа покажува промена и во односот на општеството кон животната средина.
Економијата и заштитата на природата
Рама рече дека економскиот развој и заштитата на животната средина не треба да се разгледуваат како спротивставени цели.
„Европска Албанија не се гради со избор меѓу економијата и животната средина, туку со нивно паралелно унапредување врз основа на фактите“, рече тој.
Албанија во последните години бележи силен раст на туризмот и градежништвото, особено долж јадранското и јонското крајбрежје. Еколошките организации предупредуваат дека таквиот развој може да создаде дополнителен притисок врз заштитените подрачја, водните ресурси и биодиверзитетот.
Рама рече дека меѓународното рангирање е причина за гордост, но и обврска институциите да продолжат со мерките за заштита на природата и усогласување со стандардите на Европската Унија.

