17.6 C
Скопје
24 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Од Европски фронт во ВМРО-ДПМНЕ: Последниот потег на Мицкоски ја смени политичката карта

Собранието денеска го избра претседателот на Демократската партија на Турците, Зулфиќар Зејнула, за министер без ресор, со што премиерот Христијан Мицкоски ја комплетираше реконструкцијата на Владата.

Изборот следува по коалицискиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците, по што пратеникот Бејџан Иљаз, избран од листата на Европскиот фронт предводен од ДУИ, премина во владејачкото мнозинство.

Со тоа, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сега располага со 59 пратеници, без да се пресметуваат пратениците на владините партнери ВРЕДИ (11 пратеници) и ЗНАМ (5 пратеници), што дополнително ја зацврстува парламентарната позиција на Владата.

Зејнула беше избран во одвоена постапка, бидејќи неговото именување заедно со останатите министри ќе го надминеше уставниот лимит од една третина од членовите на Владата што може да се сменат преку реконструкција. Во спротивно, ќе требаше да се спроведе постапка за избор на нова влада.

„Барам поддршка за принципот дека институциите треба да ги водат луѓе кои имаат одговорност за нивното функционирање и за решавање на проблемите на граѓаните. Потребна е политика што обединува, а не создава нови ровови“, изјави Мицкоски, образложувајќи го предлогот.

Опозициските партии оценија дека поважни од етничката припадност на кандидатот се неговата визија и компетентност, додавајќи дека изборот претставува уште еден пример за политичко пазарење.

Според официјалната биографија, Зејнула од 2021 до 2024 година бил заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, претходно бил советник во Советот на Општина Гостивар и работел во правниот сектор на Демократската партија на Турците. Дипломирал криминалистика на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, а покрај турскиот, зборува македонски, албански, германски и српски јазик.

Но, изборот на Зејнула има и пошироки политички последици. Со приклучувањето на Демократската партија на Турците кон владејачката коалиција, Европскиот фронт продолжи да се распаѓа. Предизборната коалиција, која во 2024 година беше броеше 18 пратеници, денес е сведена на 12.

Во изминатите две години од фронтот се повлекоа Демократската партија на Албанците на Мендух Тачи, Алијансата за Албанците на Зијадин Села, која во Собранието располага со четири пратеници, како и Демократската партија на Турците, чиј единствен пратеник Бејџан Иљаз сега стана дел од владејачкото мнозинство.

Со последното заминување, Европскиот фронт во Собранието останува со 12 пратеници. Од нив, 10 се од ДУИ, додека двајца се од помалите коалициски партнери кои сè уште остануваат дел од коалицијата – Сали Мурат и Скендер Реџепи – Зејд.

Политички, потегот претставува двоен успех за Мицкоски. Од една страна, Владата ја завршува реконструкцијата без потреба од нов мандат и истовремено го проширува парламентарното мнозинство. Од друга страна, најголемиот опозициски албански блок продолжува да ја губи својата коалициска широчина и пратеничка тежина, при што ДУИ останува доминантна сила во Европскиот фронт, но со значително помал број сојузници отколку по парламентарните избори во 2024 година.

И ВЛЕН е со помал број на пратеници од оние освоени на изборите во 2024. Од 14 сега брои само 11 пратеници од причина што АзА на Арбен Таравари лани се повлече од коалицијата ВЛЕН.

Related posts

Филипче: Коалицијата се распаѓа една година по формирањето, ќе се сретнам со Таравари

admin

„Ако не можете да ја придвижите државата, тргнете се“ – жестока порака на Филипче до Владата

admin

УЈИЕ ја продлабочува меѓународната соработка со турскиот Универзитет Коч

admin

Фекални бактерии во водата, тројца приведени: Се стега обрачот околу случајот во Гостивар

admin

СДСМ: Растат цените на храната, платите стагнираат

admin

ДАНЕЛА АРСОВСКА И ВМРО-ДПМНЕ ПРЕД РАЗДЕЛБА

ninja