8.8 C
Скопје
1 ноември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Политичка пресметка за водната криза: СДСМ бара истрага, Мицкоски возвраќа со обвинувања за 400 пријави

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска побара политичка и кривична одговорност за, како што наведе, труењето на граѓаните во Гостивар и загадувањето на водата во повеќе населени места, оценувајќи дека институциите реагирале предоцна и не ја информирале навреме јавноста за опасноста.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека по повеќе од 4.000 заболени граѓани во Гостивар и загадувањето на водата во уште седум населени места и две реки, институциите мора да понесат одговорност.

Според неа, надлежните институции доцнеле со реакцијата, не ја предупредиле јавноста додека граѓаните користеле загадена вода и дури откако кризата ескалирала признале дека постои ризик од појава на хепатит А, жолтица и други заразни заболувања.

„Институциите признаа дека реагирале предоцна. Додека илјадници гостиварци пиеле вода загадена со фекалии, никој не презел ништо. Потоа ги криеја податоците од јавноста. Сега, кога кризата веќе ескалираше, признавате ризик од жолтица и други заразни болести“, рече Кузеска.

Таа додаде дека јавноста сè уште нема добиено официјален потпишан извештај за анализите на водата и побара да се објават институцијата што ги изработила анализите, лицата што ги потпишале извештаите и основата врз која било дозволено користењето на водата.

СДСМ побара кривична одговорност од министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, директорите на надлежните центри за јавно здравје и, како што наведе Кузеска, сите службени лица кои знаеле за состојбата, не презеле мерки и дозволиле здравјето на граѓаните да биде загрозено.

Министерот за здравство Сашо Клековски претходно денеска соопшти дека во изминатите 24 часа се регистрирани 71 нов случај, што, според него, укажува дека епидемијата се смирува. Тој оцени дека намалувањето на бројот на заболени е резултат на подобрувањето на квалитетот на водата во градскиот водовод и изрази очекување дека до крајот на неделата водата ќе биде безбедна за пиење.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, ги отфрли обвинувањата на СДСМ и возврати дека во 2021 година, кога министер за здравство беше актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче, постоеле повеќе од 400 официјални пријави за неквалитетна вода во Гостивар, без, како што рече, да бидат преземени мерки.

„Имаме преку 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар. Ништо не е преземено. Го повикувам Обвинителството да ги провери овие наводи и да почне постапка зошто тогаш не било заштитено здравјето на гостиварци“, изјави Мицкоски.

Истрагата за причините за загадувањето на водата и натаму е во тек, додека ограничувањата за користење на водата за пиење и подготовка на храна остануваат во сила до добивање официјална потврда од надлежните институции дека водоводниот систем е безбеден.

Related posts

Ги чита ли РСМ знаците покрај патот?

admin

РСЕ: Стотици милиони евра оштетен буџет, минимално конфискуван имот

admin

Законот за извршување предизвикува конфузија -Бришењето на застарените долгови тешко остварливо, поднесени иницијативи пред уставен суд

admin

Трета републиканска претседателска дебата, Трамп доминира

admin

Историски договор: Канада купува германски подморници вредни 20 милијарди евра

admin

Северна Македонија чека одлука од Уставниот суд за „солидарниот данок“

admin