24.5 C
Скопје
31 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Ахмети: Во 2001 ми понудија поделба на Македонија, ја одбив

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, изјави дека за време на конфликтот во 2001 година добил предлог за поделба на тогашна Македонија, но го одбил и се определил за Охридскиот рамковен договор како решение за зачувување на мултиетничкиот карактер на државата.

Во интервју за емисијата „Риштази“ на весникот Коха, Ахмети рече дека денес државата повторно се враќа на состојбите од пред 2001 година и оцени дека Охридскиот рамковен договор постепено се разградува.

„Во 2001 година востанието не беше избор на Албанците, туку беше наметнато. Албанците се кренаа затоа што беа лишени од своите основни права“, рече Ахмети.

Тој изјави дека документот со предлог за поделба на државата му го предал тогашниот лидер на Демократската партија на Албанците, Арбен Џафери.

„Тоа беше проект со карта и граници за поделба на Македонија. За мене тој документ беше неприфатлив и го вратив назад“, рече Ахмети.

Според него, предлогот се темелел на концептот дека мултиетничките држави не се функционални и дека решението било создавање национални држави.

Ахмети тврди дека доколку бил прифатен тој план, околу 260.000 Албанци ќе останеле надвор од територијата предвидена за Албанците.

„Ние ја избравме потешката опција – Охридскиот рамковен договор, а не поделбата“, изјави тој.

Лидерот на ДУИ, исто така, тврдеше дека предлогот не потекнувал од неформални кругови, туку од тогашните државни институции.

„Предлогот не беше од некое здружение. Беше од тогашната Влада, со поддршка и од тогашниот претседател на Собранието. Документите и снимките постојат“, рече Ахмети, без да приложи докази во интервјуто.

Осврнувајќи се на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, Ахмети оцени дека албанските политички партии имале клучна улога во неговата имплементација, додека, според него, македонските партии не направиле доволно за да го објаснат неговото значење пред јавноста.

Тој додаде дека усвојувањето на Законот за употреба на јазиците било еден од најтешките процеси во спроведувањето на договорот и оцени дека Охридскиот рамковен договор останува историски компромис што го зачувал мултиетничкиот карактер на државата и спречил територијална поделба.

Related posts

МВР на Косово: Нападите на северот од Косово се оркестрирани и диригирани од Белград

admin

ММФ ја намали прогнозата за раст на Русија во 2026 година на 0,8%

admin

Почина Дарко Димовски, првиот човек на ССМ

admin

Паѓа поддршката за членство во ЕУ, младите се евроскептични

admin

Фридом хаус: Корупцијата и судската независност со најниска оценка

admin

Кочо Анѓушев стaвен во црната листа на САД

admin