35 C
Скопје
1 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Ја отпуштиле „во добра состојба“, а повеќе од еден месец е во инвалидска количка

Министерот за здравство Сашо Клековски најави вонреден инспекциски и стручен надзор во три здравствени установи во кои била лекувана 19-годишната Станка Михајлова од струмичкото село Баница, која останала неподвижна по породување со царски рез во Клиничката болница во Штип.

Надзорот треба да утврди како била третирана пациентката, кога се појавиле првите симптоми и дали здравствените работници навремено презеле соодветна дијагностика и лекување.

Според информациите објавени од „Слободен печат“, Михајлова по вториот царски рез развила параплегија и моментално се движи со инвалидска количка.

Таа била породена на 26 јуни во штипската болница, а нејзиното семејство тврди дека проблемите со движењето почнале додека сè уште била хоспитализирана.

Случајот стана познат во јавноста откако нејзиниот свекор, Велибран Стојанов, се вклучи во живо на „Фејсбук“ пред болницата во Струмица и побара помош од министерот за здравство.

Стојанов изјавил дека семејството ја однело Михајлова дома носејќи ја под мишките, бидејќи не можела самостојно да оди. По отпуштањето од болницата, нејзината состојба дополнително се влошила и таа почнала да користи инвалидска количка.

Отпуштена „во добра општа состојба“

Според отпусното писмо во кое имал увид „Слободен печат“, лекарите од Клиничката болница во Штип навеле дека Михајлова била отпуштена „во добра општа состојба“.

Во документот, според весникот, не била наведена параплегијата, иако семејството тврди дека проблемите со движењето биле присутни уште за време на нејзиниот престој во болницата.

Семејството бара итна и целосна ревизија на случајот и утврдување одговорност доколку се потврдат пропусти во лекувањето.

Михајлова е мајка на едномесечно бебе и на дете на возраст од три и пол години.

Министерството за здравство соопшти дека случајот внимателно се следи и дека надзорот треба целосно, објективно и стручно да ги утврди сите околности поврзани со лекувањето.

До завршувањето на инспекцијата не може да се утврди дали неподвижноста е последица на лекарска грешка, компликација од интервенцијата, анестезијата или друга здравствена состојба.

Претходни случаи

Случајот повторно го отвори прашањето за одговорноста при сериозни компликации по породувања и за начинот на кој здравствените установи ги документираат и пријавуваат промените во состојбата на пациентите.

Еден од најпознатите случаи е оној на родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, која по царски рез во Струга во 2020 година остана без матка, јајник и бубрег.

Во ноември 2025 година, Основниот суд во Струга го осуди гинекологот Мухамед Асани на три години затвор и му изрече петгодишна забрана за вршење на професијата.

Судот утврдил дека по влошувањето на состојбата на пациентката не била навремено спроведена потребната дијагностика за откривање на внатрешното крварење.

Обвинителството во изминатите години отвораше и други постапки поврзани со сомнежи за лекарска грешка. Во 2022 година беа обвинети гинеколози од Битола поради смрт на новороденче, за која обвинението тврдеше дека била поврзана со ненавремено извршен царски рез.

Резултатите од надзорот во случајот на Михајлова треба да покажат дали медицинските протоколи биле почитувани, зошто таа била отпуштена иако, според семејството, не можела да оди, и зошто нејзината состојба не била наведена во отпусната документација.

Related posts

Незири: Ниту Мицкоски ќе се повлече, ниту Ахмети ќе замине од ДУИ

admin

Малеска: Се „печалат“ гласови со антиевропска реторика

admin

Русија подготвува предлози за можен нуклеарен тест, потврди Лавров

admin

Албанскиот премиер ги исмеа инфлуенсерите: Не бараат работа, туку интервјуа

admin

Во џебот си ставил фантастични 315.000 евра, тврдат македонските филмаџии

admin

Мицкоски и Мицотакис на исто место во исто време

admin