Сè поголем број млади луѓе заболуваат од типови рак што традиционално се поврзуваат со повозрасната популација, а ново истражување сугерира дека една од можните причини е забрзаното биолошко стареење.
Германскиот центар за истражување на ракот забележал значително зголемување на бројот на гастроинтестинални карциноми кај лица на возраст од 20 до 39 години. Сличен тренд е регистриран и во Соединетите Американски Држави, каде стапката на заболување кај младите е уште повисока.
Кај помладите пациенти почесто се дијагностицираат и карциноми на белите дробови, матката и коскената срцевина.
Ракот вообичаено се смета за болест поврзана со стареењето. Просечната возраст на пациентите со рак е околу 69 години, бидејќи со текот на времето се натрупуваат оштетувања во клетките, а способноста на организмот да ги поправа генетските мутации се намалува.
Истражувачи од Медицинскиот факултет на Универзитетот Вашингтон утврдиле врска меѓу појавата на рак пред 50-годишна возраст и растечката разлика меѓу хронолошката и биолошката возраст.
Хронолошката возраст го означува бројот на години од раѓањето, додека биолошката возраст покажува во каква состојба се клетките, ткивата и органите. Тоа значи дека лице на 35 години може да има органи и телесни системи што биолошки одговараат на многу повозрасен човек.
Различни органи кај едно лице може да стареат со различна брзина, па срцето, црниот дроб и мозокот не мора да имаат иста биолошка возраст.
Истражувањето покажало дека кај луѓето родени меѓу 1965 и 1974 година постои поголема разлика меѓу биолошката и хронолошката возраст отколку кај родените меѓу 1950 и 1954 година. Колку е помлада испитуваната генерација, толку разликата била поизразена.
Одделна анализа на повеќе од 10.000 лица во САД покажала уште поголемо отстапување кај родените меѓу 1990 и 1999 година во споредба со генерациите родени во втората половина на 1960-тите.
Авторите наведуваат дека лицата родени во 1990-тите во Австралија, Канада, Велика Британија и САД имаат најмалку четирипати повисок ризик од рано појавување рак на дебелото црево отколку луѓето родени во 1960-тите.
Сепак, експертите предупредуваат дека студијата покажува поврзаност, но не докажува дека забрзаното биолошко стареење директно го предизвикува ракот.
„Ова е корелациска студија“, вели Рон Јахимович, хематолог во Универзитетската болница во Келн и раководител на истражувачка група за биологија на стареењето.
Биолошката возраст не може да се утврди со еден едноставен тест. За нејзина процена се користат повеќе показатели, меѓу кои промени во ДНК, вредности од крвта, должината на теломерите, функцијата на органите и когнитивните способности.
Во новата студија биле анализирани податоците на повеќе од 150.000 лица од британската база UK Biobank.
Дебелината, недвижењето…меѓу можните причини
Научниците сè уште не можат прецизно да објаснат зошто помладите генерации биолошки стареат побрзо, но посочуваат на неколку можни фактори.
Меѓу нив се дебелината што започнува на помлада возраст, недостигот од физичка активност, неквалитетниот сон, долготрајното седење пред екрани, нездравата исхрана, алкохолот и употребата на други штетни супстанции.
Епидемиологот Танвеи Јуан од Германскиот центар за истражување на ракот вели дека младите луѓе денес се изложени на дебелина порано и подолг период од претходните генерации.
Начинот на живот може да влијае врз биолошкото стареење, но само делумно. Според Јахимович, околу половина од биолошката возраст може да се поврзе со животните навики, додека преостанатиот дел е генетски определен.
Редовната физичка активност, балансираната исхрана, доволното спиење, избегнувањето алкохол и дроги и одржувањето социјални контакти можат да помогнат во забавување на процесот на стареење.
Експертите нагласуваат дека биолошката возраст сè уште не може рутински да се утврдува во лекарските ординации и дека ваквите тестови засега главно се користат во научни истражувања.
Тие советуваат младите лица да не ги игнорираат долготрајните промени во здравјето, како крвавење, необјаснето слабеење, постојани болки, промени во празнењето на цревата или долготрајна исцрпеност, туку навреме да побараат лекарска помош.
Раното откривање останува еден од клучните фактори за успешно лекување, особено во услови кога одредени видови рак сè почесто се појавуваат кај лица што не припаѓаат на традиционалните возрасни групи за скрининг.

