Коалиција од 25 американски сојузни држави поднесе тужба против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, барајќи блокирање на новите царини од 10 до 12,5 проценти за стоки од 60 трговски партнери.
Царините стапија во сила во јули и ги опфаќаат, меѓу другите, Европската Унија, Велика Британија, Кина, Јапонија, Бразил и Тајван. Вашингтон тврди дека мерките се воведени бидејќи тие земји не презеле доволно активности против производите создадени со принудна работа.
Во тужбата, поднесена од држави предводени од демократите, одлуката на администрацијата е оценета како „произволна, неоснована и спротивна на законот“.
Белата куќа ги отфрли обвинувањата.
„Соединетите Американски Држави ги користат своите законски овластувања за справување со практиките што ги оптоваруваат американските компании“, изјави портпаролот на Белата куќа Куш Десаи.
Тој рече дека непостапувањето на странските влади против увозот на производи создадени со принудна работа претставува неоправдана практика што мора да биде санкционирана.
Новите давачки се воведени врз основа на членот 301 од американскиот Закон за трговија од 1974 година, кој ѝ овозможува на администрацијата да презема мерки против трговски практики што Вашингтон ги смета за неправедни.
Според Канцеларијата на американскиот трговски претставник, царините опфаќаат 99,4 проценти од американскиот увоз.
Сојузните држави тврдат дека администрацијата ја користи принудната работа како изговор за продолжување на пошироката царинска политика на Трамп.
„Царините се толку широко поставени што се спротивни на наведената цел на трговскиот претставник и го обесмислуваат законот врз кој се темелат“, се наведува во тужбата.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хокул, ги опиша царините како данок за американските семејства.
„Незаконските царини на претседателот Трамп не се ништо друго освен данок за работниците и семејствата“, рече Хокул.
Главниот обвинител на Орегон, Ден Рејфилд, изјави дека трошоците од мерките нема да ги платат странските влади, туку американските потрошувачи и компании.
Неколку погодени земји изразија незадоволство од одлуката. Владите на Јапонија и Бразил ги оценија царините како неоправдани, додека Кина соопшти дека обвинувањата за принудна работа се користат за политичка манипулација.
Некои трговски експерти поставија прашање и за тоа според кои критериуми државите ќе треба да докажат дека презеле доволно мерки против принудната работа.
Тужбата претставува нов судски предизвик за трговската политика на Трамп, откако Врховниот суд претходно укина голем дел од царините што тој ги воведе во април 2025 година.
Таа одлука доведе до враќање десетици милијарди долари на компаниите што веќе ги платиле давачките.
Укинатите царини подоцна беа заменети со привремена давачка од 10 проценти за речиси целиот увоз, која истече во јули.
Американската администрација во моментов истражува уште 16 земји поради наводно прекумерно индустриско производство, што би можело да доведе до воведување дополнителни царини.
Трамп тврди дека царините ги штитат американските работници, го поттикнуваат домашното производство и ја зајакнуваат економијата. Противниците предупредуваат дека давачките го поскапуваат увозот и ги зголемуваат цените за потрошувачите.

