Најмалку 132 лица загинаа, а околу 570 се повредени во силниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што ја погоди Колумбија, додека спасувачките екипи продолжуваат да пребаруваат под урнатините по преживеани, објави Би-Би-Си повикувајќи се на локалните власти.
Бројот на жртвите може дополнително да се зголеми бидејќи се стравува дека луѓе сè уште се заробени во урнати згради.
Земјотресот се случил во 7:34 часот по локално време, на длабочина од околу 103 километри, а епицентарот бил во провинцијата Чоко, во близина на селото Сан Хосе дел Палмар, соопшти колумбиската геолошка служба.
Потресот бил почувствуван на голем дел од западна Колумбија, но и во соседните Венецуела, Еквадор и Панама.
Переира меѓу најтешко погодените
Особено тешко е погоден градот Переира, на околу 55 километри од епицентарот. Локалните власти пријавиле најмалку 67 загинати во поширокото градско подрачје.
Според досегашните информации, во Переира се урнале 65 згради, а се верува дека луѓе се заробени во најмалку 15 од нив. Во делови од градот е воведен полициски час до вторник наутро.
Штети има и во Кали, каде што се урнале 32 објекти. Жртви и материјални штети се пријавени и во Манизалес, Кибдо, Меделин и во регионите Чоко и Вале дел Каука.
На социјалните мрежи и во медиумите се појавија снимки од моментот кога силниот потрес ги ниша зградите и предизвикува нивно уривање. Би-Би-Си соопшти дека верификувал снимки од уривање на најмалку една зграда на главниот плоштад во Переира.
Оштетени аеродроми, повеќе од 1.500 домови погодени
Колумбиските воздухопловни власти пријавија штети на неколку регионални аеродроми, меѓу кои оние во Переира, Манизалес, Кибдо, Ерменија, Картаго и Буенавентура.
Во главниот град Богота потресот силно ги нишал дрвјата, семафорите и зградите. Пријавени се пукнатини на некои објекти, но засега нема информации за поголеми оштетувања на клучната инфраструктура.
Властите соопштија дека повеќе од 1.500 домови се оштетени.
Американскиот геолошки институт процени дека околу 1,5 милиони луѓе почувствувале тресење со интензитет близок до седум степени.
Прогласена национална катастрофа
Колумбиските власти прогласија состојба на национална катастрофа, што овозможува активирање вонредни механизми и пренасочување буџетски средства за спасувачките операции и помош на погоденото население.
Меѓународната заедница понуди помош. Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека Вашингтон внимателно ја следи ситуацијата и е подготвен да помогне, додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен соопшти дека европскиот сателитски систем „Коперникус“ се користи во операциите за справување со последиците.
Спасувачките екипи продолжуваат со пребарување на урнатите објекти, поради што властите предупредуваат дека сегашниот биланс од 132 загинати не е конечен.

