Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговото еднонеделно отсуство од Северна Македонија било комбинација од приватно патување со неговите синови во Белгија и работни средби со тројца потенцијални инвеститори во Брисел.
Мицкоски, одговарајќи на прашањата за неговото отсуство, рече дека со синовите имаат практика еднаш годишно да посетуваат европски град и патувањето да го користат за запознавање со историјата и значајните места.
„Јас не сум љубител на големи годишни одмори со солена вода, со песочни плажи итн. и си рековме – екскурзијата да ја прошириме и тоа да биде научнообразовна екскурзија во Белгија“, рече Мицкоски.
Според него, претходно со синовите ги посетиле Прага, Будимпешта и Виена. Во Будимпешта, како што рече, гледале и фудбалски натпревар меѓу Португалија и Унгарија бидејќи Кристијано Роналдо е омилен фудбалер на неговиот помал син.
Премиерот рече дека четири дена престојувал во Бриж, а потоа три дена во Брисел.
Мицкоски рече дека во Брисел немал политички средби, но разговарал со тројца инвеститори чии проекти во Северна Македонија, според него, се во завршна фаза.
„Едниот е од Германија, едниот е од САД, а третиот прави проширување на постојната инвестиција и многу наскоро, оваа есен, сите три ќе потпишат договори“, рече премиерот.
Тој не ги откри имињата на компаниите, ниту вредноста и секторите на најавените инвестиции.
Според Мицкоски, во моментов се договараат последните детали, а тој очекува договорите да бидат разгледани на некоја од следните владини седници.
Премиерот рече дека детално го објаснува патувањето поради интересот на опозицијата и критиките поврзани со неговото отсуство.
Мицкоски изјавата ја даде при отворањето на нова спортска сала во ООУ „Круме Кепески“ во скопската Општина Кисела Вода.

