37.8 C
Скопје
20 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Се подготвува ли Македонија за избори напролет 2027? Нови сигнали од партиските штабови

Политичката сцена во Северна Македонија повторно се загрева со можност за предвремени парламентарни избори, откако премиерот Христијан Мицкоски порача дека владејачката коалиција е подготвена да оди на избори доколку опозицијата го побара тоа.

Партиски извори за Инбокс7 велат дека една од опциите што се разгледува е предвремени парламентарни избори да се одржат во април 2027 година, иако засега нема официјална одлука, договор меѓу партиите или формално утврден датум.

Мицкоски рече дека Владата има легитимитет за четиригодишен мандат и дека, според него, граѓаните во моментов повеќе сакаат реформи и континуитет отколку ново гласање.

„Граѓаните не сакаат избори. Граѓаните сакаат реформи и континуитет на процесите што ги води оваа Влада“, рече Мицкоски.

Сепак, тој остави отворена врата за предвремено изборно соочување.

„Доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, ние нема да седиме на страна како кукавици, туку позитивно ќе одговориме на тоа барање и, се разбира, ќе ги победиме“, изјави премиерот.

СДСМ: Нема да бидеме алиби

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, возврати дека опозицијата нема да ѝ служи како алиби на Владата за евентуално распишување избори.

„Избори ќе закаже премиерот, кој има апсолутна власт на секое ниво. Ние нема да му бидеме алиби“, рече Филипче.

Тој сепак нагласи дека СДСМ е подготвен за избори и најави дека во следниот месец ќе претстави „Мастер план за Македонија“.

ДУИ: Нека се распушти Собранието

Најдиректна реакција пристигна од ДУИ, која веднаш ја прифати можноста за предвремени избори.

„Ние го бараме тоа. Конечно и премиерот разбра дека оваа состојба е неодржлива и дека на земјата ѝ е потребен нов политички мандат“, соопшти партијата.

ДУИ бара во рок од неколку дена да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и граѓаните повторно да одлучуваат за политичкиот правец на државата.

„Опозицијата го даде својот одговор. ДУИ е подготвена. Нека се распушти Собранието. Нека се определи датумот. Нека одиме на избори“, порача партијата.

И Алијансата за Албанците на Арбен Таравари соопшти дека е подготвена за предвремени избори.

Април 2027 како можна опција

Темата за предвремени избори е присутна во политичките кругови веќе неколку месеци. Според партиски извори со кои разговараше Инбокс7, април 2027 се споменува како реален прозорец за евентуално предвремено гласање, доколку политичките околности доведат до договор за скратување на мандатот на Собранието.

Таквата опција засега останува на ниво на политички разговори и проценки. Нема официјална иницијатива за распуштање на парламентот, ниту утврдена временска рамка за изборниот процес.

Мицкоски во изминатиот период повеќепати тврдеше дека редовните парламентарни избори треба да се одржат во 2028 година. Неговите последни пораки, сепак, покажуваат дека власта не ја исклучува можноста за порано изборно соочување.

 

Related posts

Снегот воведе привремени забрани за камиони на патиштата во западна Македонија

admin

Фон дер Лајен: Западот каков што го познававме веќе не постои

admin

Говор што ја шокираше Европа: Американскиот министер за одбрана под жестоки критики

admin

Западен Балкан против лажните вести: младите во првите редови

admin

Полицијата разоткри мрежа зад обидот за палење на еврејски објект

admin

РСЕ: „Феникс“ – истрага која го врати од заборав „Скопје 2014“

admin