Министерството за внатрешни работи ги предупреди сопствениците и операторите на дронови строго да ги почитуваат правилата за користење на воздушниот простор поради засилените летачки активности на полициските хеликоптери, особено во операциите за гасење пожари.
МВР соопшти дека хеликоптерите во моментов интензивно се користат за гасење пожари, извидување, транспорт и други оперативни задачи низ целата земја. Поради итноста на интервенциите, нивната локација, маршрутата и времето на летање не можат секогаш однапред да бидат предвидени.
Операторите на дронови кои ќе забележат или слушнат полициски хеликоптер во близина треба веднаш и без одлагање безбедно да го приземјат дронот, предупреди Министерството.
Забрането е дрон да се насочува кон хеликоптер, да му се приближува, да го следи или да го снима од непосредна близина.
Според МВР, судир на дрон со хеликоптер може да предизвика сериозно оштетување на леталото, губење контрола и директно да ги загрози екипажот, луѓето и имотот на земја.
Ризикот е особено висок при гасење пожари, кога хеликоптерите летаат ниско, често низ чад, турбуленции и при намалена видливост. Во такви услови, пилотите можат многу тешко навреме да забележат и избегнат мал дрон.
Појавата на дрон во зоната на интервенција може да доведе и до прекин на операцијата за гасење, што дополнително може да ги загрози пожарникарите, населението, имотот и природните ресурси.
МВР предупреди и дека лица кои немаат потребни одобренија, регистрации или сертификати не смеат да управуваат со дронови спротивно на прописите. И регистрираните оператори мора да ги почитуваат ограничувањата на воздушниот простор и обврските за координација со надлежните служби.
Министерството најави утврдување на идентитетот и одговорноста на лицата кои со незаконско или небезбедно летање ја загрозуваат безбедноста на полициските воздухоплови.
За прекршувањата може да следуваат прекршочни, а во случаи кога се исполнети законските услови и кривични мерки. МВР посочи дека надлежните служби веќе постапуваат за слични регистрирани случаи.

