ДУИ тврди дека Алтернатива и натаму фигурира како активен политички субјект во Централниот регистар и дека, според податоците на кои се повикува партијата, како нејзин претседател е запишан Зеќирија Бериша, шеф на кабинетот на министерот Беким Сали.
Реакцијата следува во рамки на политичката полемика околу обединувањето на партиите од коалицијата ВЛЕН.
ДУИ тврди дека промената на претседателот на Алтернатива била направена без јавноста и партиското членство да бидат информирани.
„Кога е избран Зеќирија Бериша за претседател? Кој партиски орган ја донел оваа одлука? Зошто промената се чувала во тајност? Дали членовите на Алтернатива знаат кој правно ја води нивната партија?“, прашуваат од ДУИ.
Од партијата оценуваат дека станува збор за „скандалозен и веројатно невиден случај“ во кој, според нив, промена во раководството е заведена во официјалните документи без таа да биде јавно соопштена.
ДУИ истовремено тврди дека и БЕСА продолжува да постои како посебен политички субјект со Биљал Касами како претседател.
„БЕСА продолжува да постои со Биљал Касами како претседател. Алтернатива продолжува да постои со Зеќирија Бериша како претседател. Таканареченото ‘спојување’ го имаат само за прес-конференции и пропаганда“, се наведува во соопштението.
Според ДУИ, партиите, нивните претседатели и формалните структури продолжуваат да функционираат одделно, поради што опозициската партија го доведува во прашање начинот на кој е спроведено политичкото обединување во ВЛЕН.
„ВЛЕН е измама од темел до врв“, порача ДУИ.
Наводите на ДУИ за актуелната состојба во Централниот регистар и околностите под кои евентуално била извршена промената во Алтернатива се тврдења на партијата и за целосна слика е потребен одговор од ВЛЕН и Алтернатива.

